Македонија
Макстил станува стратешки партнер на СОС Детско село
Макстил е новиот стратешки партнер на СОС Детско село и станува клучен поддржувач на една од згрижувачките куќи, која ќе го носи името на компанијата. Со потпишувањето на договорот меѓу компанијата и организацијата, Макстил започнува стратешка соработка со СОС Детско село, а кумството на куќата ќе значи поддршка на петте деца заедно со нивната згрижувачка. Донацијата за СОС Детско село, произлегува од долгорочната стратегија на компанијата за активна грижа за ранливи групи и придонес за подобрување на нивната добросостојба.
„Влегувањето во ова стратешко партнерство со СОС Детско село значи надградување на нашата општествено одговорна улога и нашето влијание во создавањето позитивни промени. Да се биде клучен поддржувач на згрижувачка куќа од СОС Детско село значи да се прифатат вредностите што оваа организација ги застапува, да се поддржат напорите за создавање семејство и семејна грижа за секое дете. Макстил како компанија заедно со своите вработени, целосно ја прифаќа одговорноста да бидеме главен помагач и пријател на ова семејство и со тоа да ги пренесеме најважните семејни вредности, заедништво, грижа и создавање топол дом за децата кои живеат во кумската куќа. Со ова партнерство, истовремено ги поттикнуваме и мотивираме истите релации и меѓу нашите вработени и партнери и иницираме пошироко позитивно влијание во зацврстување на традиционалните семејни вредности“, изјави Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на Макстил.
Во куќата за која ќе се грижи Макстил се сместени 5 деца заедно со нивната згрижувачка. Донација во голема мера ги покрива потребите на семејството и одржувањето на куќата во текот на една година.
![]()
„Во минатата година СОС Детско село поддржа над 700 деца и млади без родители и родителска грижа или во ризик да ги изгубат своите родители, згрижувачки семејства и семејства во социјален ризик. Нашата континуирана грижа и работа со овие ранливи групи е поддржана од многу чинители од нашето општество меѓу кои и се многу компании кои се насочиле и делуваат во оваа област на општествената одговорност. Среќни сме што денес го прошируваме нашето СОС семејство со нов стратешки партнер – Макстил, една од најуспешните компании во Македонија, партнер кој ќе обезбеди финансиска поддршка за континуирана грижа на една куќа во безбедна и сигурна средина каде децата ќе можат да имаат среќно детство и правилен раст и развој. Поддршката на оваа ранлива група бара голема сила и издржливост да се решат и надминат многу предизвици со кои се соочуваат децата; бара одржливост на нашата секојдневната континуирана поддршка за тие деца да израснат во самостојни млади луѓе, одговорни членови на нашето општество. Токму ваквите партнерства ни даваат сила и издржливост да продолжиме напред и да менуваме животи и веруваме дека нашето партнерство со Макстил ќе овозможи заеднички да создаваме посилни заедници и можност за развој и заштита на децата без родителска грижа“, истакна Јулијана Накова Гапо, при потпишувањето на договорот нагласувајќи го значењето на поддршката.
Општествено одговорните практики на Макстил се во суштината на компаниската долгорочна деловна и развојна стратегија и нивното влијание се протега од подобрување на состојбите во јавното здравство со континуирани донации, создавање содржини за здрав детски развој во локалната заедница, иницирање проекти за засилување на заштитата на животната средина.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

