Македонија
Максути на НАТО-симулација на тема „Македонија во пресрет на самитот во Брисел“
Заменикот-министер за одбрана, Беким Максути, денеска се обрати на отворањето на НАТО-студентската симулација посветена на Македонија пред самитот на НАТО во Брисел. Студентската симулација е организирана од Евро-атлантскиот совет на Македонија, а на отварањето свои обраќања имаа и претседателот на „АТА Македонија“, Исмет Рамадани, хрватската амбасадорка Даниела Баришиќ, координаторот за НАТО, Стево Пендаровски, и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол.
Заменик-министерот Максути посочи дека изминатите неколку години Македонија се соочи со забавен евроинтеграциски процес и длабока политичка криза, но и дека земјата со изборот на Владата ја надмина оваа криза и дека во овој момент од круцијална важност е поддршката од НАТО-сојузниците за остварување на стратешките цели – членство во алијансата и во Европската Унија.
„Во изминатата неполна година докажавме дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најважен приоритет на надворешната политика на Владата на Република Македонија. Владата и Министерството за одбрана се цврсто посветени на исполнувањето на стратешката цел и работиме со голема решеност за спроведување на реформските процеси, промовирање на добрососедските односи и регионална соработка демонстрирајќи ја својата одговорност кон сопствениот народ но и кон меѓународната заедница“, рече заменик-министерот Максути.
Во однос на одбранбените реформи, Максути рече дека нивното спроведување ќе ги зајакне стабилноста и безбедноста на државата и регионот како основен предуслов за развој. „Го рестартиравме процесот на изработка на стратегиски одбранбен преглед и стратегијата за одбрана. Донесовме одлука за сукцесивно зголемување на буџетот за одбрана со стапка од 0,2-процентни поени почнувајќи од 2019 година и цврсто сме определени да го постигнеме нивото на издвојување од 2 отсто од националниот БДП за одбранбениот буџет, што е во согласност со одлуките на НАТО-самитот во Велс. Не ги занемаруваме потребите за унапредување на условите за работа за што од почетокот на годината и ги зголемивме платите на воениот персонал во АРМ за 10о отсто“, истакна Максути.
Заменик-министерот се осврна и на придонесот на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии. „Како земја што се гледа како членка на алијансата, од 1 јануари 2018 година го зголемивме 20 отсто придонесот во мисијата „Одлучна поддршка“, но не застануваме тука, туку ќе продолжиме да ја проценуваме секоја можност за дополнително ангажирање“, рече тој.
На политички план Максути го спомна потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија и интензивирањето на разговорите со Грција за што рече дека Македонија е одлучна да го реши повеќедеценискиот спор. Во однос на Косово, заменикот-министерот истакна дека побезбедно и постабилно Косово значи и побезбеден регион.
„Република Македонија во многу кус период направи многу и ги придвижи евро-атлантските процеси. Во пресрет на самитот на НАТО во Брисел, верувам дека постигнатото ќе биде вреднувано и дека ќе добиеме покана за членство“, рече на крајот од обраќањето заменик-министерот за одбрана, Беким Максути.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за отпочнување на преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ја искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи, потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откако неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од „заробената“ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија и е потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.
Македонија
Трет состанок на политички директори во рамките на претседавањето со ПСЈИЕ
Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.
На состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамките на нашето претседавање со ПСЈИЕ.
Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 – јуни 2024 година со мотото „Премостување поделби, градење доверба“.