Македонија
Манасиевски: Филипче докажа дека е човек за кој граѓаните се неважни, туку важни се само профитот и бизнисот

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче потврди дека е човек кој не чувствува вина за случајот Онкологија. Филипче докажа дека е човек за кој граѓаните се неважни, туку важен е само профитот и бизнисот, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека после сите случувања и трагедии кои ја потресоа државата, очекувавале барем малку човечност во Филипче, да се извини пред граѓаните и да си замине од политичката сцена, но тој тоа не го направил и продолжува да глуми дека е безгрешен.
„Филипче кажа дека не се чувствува виновен за случајот Онкологија, иако не постапил согласно надлежностите од Законот за здравствена заштита, и тоа конкретно: член 17, член 27, член 92-г, член 110, член 226-б, член 226-и и член295. Исто така не постапил во согласност со Законот за јавни набавки, и тоа конкретно: член 2 т.11, член 76 и член77 (2 и 5). Не е постапено соодветно на член 4 (1) и член 13 (1, 2, 4) како и член 22 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. По однос на Законот за здравственото осигурување не се постапило согласно членот59. Денес, повторно прашуваме, дали Филипче е заштитен од судиите и обвинителите кои учествувале во овој процес? Филипче еве да ти поставиме и друго прашање. Дали не се чувствуваш виновен и за модулрната болница, за несправувањето со КОВИД кризата, каде што не успеа навремено да набавиш маски, ракавици, медицинска опрема, а да не спомнуваме и за вакцините кои сакаше да заработиш на нив?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Се додава дека Филипче треба веднаш да си поднесе оставка и да не се бламира во јавноста бидејќи е синоним за криминал, корупција и неспособност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.