Македонија
Манијакот кој сексуално напаѓаше жени низ Скопје во притвор, последна жртва е 24-годишно девојче
Сонер Арслан, осудениот манијак кој сега се гони за напад на уште едно 24-годишно девојче, доби притвор и е однесен „Скопје“ во Шуто Оризари. Против него е поднесен и обвинителен предлог, а мерката му е продолжена за 30-дена. Бидејќи станува збор за притворски предмет, истиот ќе треба да се суди и во екот на судската ферија.
„Обвинителството веднаш по одлуката го обжали решението на судијата на претходна постапка со кое на осомничениот му беше определена мерка куќен притвор. Жалбата на обвинителството беше прифатена и на осомничениот му беше определена мерка притвор“, посочуваат од Обвинителството за „Макфакс“.
Арслан ќе одговара за кривично дело силување односно сторување на други полови дејствија, со што, ако биде осуден и пресудата биде правосилна – ќе му се активира претходно изречената условна казна. Според извори во истрагата, неговата ДНК била најдена на маицата од девојчето на возраст од 24-години. Ја допирал по телото, по што се самозадоволил, а траги од семената течност имало и на нејзината облека. Сето ова се случувало во строгиот центар на Скопје, спроти катната гаража „св. Кирил и Методиј“, на истоимената улица.
Скопјанката не е негова прва жртва. Претходно, пет други девојчиња беа оштетени во постапката што се водеше против него. Најмладата имаше 19 години. На рочиштето, на кое призна вина, Арслан, кој е роден во Турција, ветуваше дека нема да го повтори делото и бараше поблага казна.
Судијката од Кривичниот суд, Љубинка Башевска во март, му изрече условна казна. Посочи и дека ова му е последна шанса да остане на слобода.
„Му утврдуваме казна затвор која нема да се исполни ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело. Ова му се последна шанса и последен момент“, рече судијката Башевска.
Обвинителката Лидија Раичевиќ, која го гонеше Арслан му се обрати директно на обвинетиот Сонер Арслан, на кого му посочи: „Не е доволно да се извиниш, да покажуваш полов орган – не смееш, побарај стручна помош“.
Инаку, станува збор за 30-годишен маж. Живее во с.Пагаруша, општина Студеничани. На судењата кои претходно се водеа, кажуваше дека е верен, како и дека планира свадба. Посочи и дека неговиот татко е во лоша здравствена состојба. Судот беше дециден дека ќе биде контролиран дали оди на психијатриски прегледи и дали ги почитува напатствијата на судот дадени во пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

