Македонија
Манчевски: Мора да ја подобриме сликата за функционирањето на јавната администрација
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се обрати на 11-тата конференција за човечки ресурси во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси. Како што истакна министерот Манчевски, управувањето во човечкиот и интелектуалниот капитал е од голема важност за следење на глобалните процеси и трансформацијата.
„Користењето на интелектуалниот потенцијал се овозможува преку креирање соодветни структури и изнаоѓање решенија кои ќе одговорат ефикасно на предизвиците. Во МИОА, свесни за важноста и улогата што ја имаат вработените во секторот човечки ресурси за поставување на основата за функционален јавен сервис, активно работиме на развој и унапредување на оваа професија. Постојат многу искуства што јавниот сектор може да ги искористи од приватниот. Не се толку едноставно применливи, но цврсто верувам дека ќе ја подобрат работата и на јавниот сектор. Во таа насока во тек се подготовки за измени на ЗАС и ЗВЈС, кои на јавноста ќе ѝ бидат презентирани на крајот на јуни“, истакна министерот Манчевски.
Осврнувајќи се на активностите кои МИОА, во контекст на развој на професијата човечки ресурси тој зборуваше за мрежата за човечки ресурси и новата веб-платформа за подобрена соработка и комуникација.
„На крајот на минатата година ја реафирмиравме мрежата за управување со човечките ресурси. Мрежата претставува платформа за комуникација, координација и соработка. Целта е администрацијата да биде поблиску до граѓаните. Исто така, мрежата има цел да обезбеди поддршка на политиките за обезбедување еднакви можности за вработените во јавниот сектор. Сите сме свесни за критиките што се адресираат на вработените во јавната администрација. Наша заедничка цел мора да биде да ја подобриме сликата што јавноста ја има за начинот на кој функционира јавната админстрација. Работата на одговорните за човечките ресурси е од особено значење во тој процес. Особено кога зборуваме за подобрување на испораката на услугите до граѓаните“, рече министерот Манчевски.
На крајот тој ја потенцира важноста од соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор за развој на секоја област и професија. Само заедно може да обезбедат општоприфатени стандарди за работа, кои ќе придонсат за поквалитетна и поефикасна соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.

