Македонија
Манчевски дел од ITU-вебинар за влијание на ИКТ врз економскиот развој во Европа
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, беше дел од вебинар во организација на Меѓународната унија за телекомуникации – ITU, посветен на зголемување на влијанието за ИКТ врз економскиот развој во Европа.
Овој вебинар е организиран во рамките на ITU-регионалната иницијатива за Европа за широкопојасна инфраструктура, радиодифузија и управување со спектарот, усвоена од WTDC-17. Целта на настанот е да послужи како платформа за мапирање на постојната инфраструктура и услугите, поттикнување за усогласување пристапи во целиот регион и размена на искуства за разните пристапи што ги применуваат државите.
Министерот Манчевски ги претстави активностите на кои работеше МИОА во изминатиот период, поврзано со развој на бродбенд-интернетот на Северна Македонија.
На 1 април 2019 година Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд план, кој целосно е усогласен со Дигиталната агенда и стратегијата на ЕУ. Тука се утврдени национални бродбенд-таргети за фиксен и мобилен бродбенд. Дополнително, предвидена е изградба и развој на Национална транспортна оптичка мрежа, од која ќе се изнајмуваат оптички влакна на операторите за да може тие да пристапат до белите зони со цел да нудат бродбенд-услуги, како и изградба на пристапна пасивна оптичка мрежа во белите зони и нејзино изнајмување на операторите за да обезбедуваат бродбенд-услуги во тие зони“, информира министерот Манчевски.
Како што истакна тој, свесни за важноста од имплементирање на утврдените таргети, во октомври минатата година се формира ново тело – Национална канцеларија за бродбенд-компетентност. Канцеларијата е формирана во согласност со препораките на ЕУ.
Покрај министерот Манчевски, на вебинарот се обратија и Јарослав Пондер, шеф на канцеларијата на ITU, Стефан Береаух и Кармен Прадо Вагнер од ITU и Раул Катц од Универзитетот „Колумбија“. Исто така, на вебинарот свое излагање имаа претставници од Албанија, Србија и од Грузија.
На настанот се дискутира за приодите насочени кон создавање можности за инвестирање во областа на ИКТ-инфраструктурата и услугите. Во овој контекст беше презентиран и новиот проект „Поддршка на системите за мапирање на можностите за инвестиции во широкопојасна инфраструктура за Југоисточна Европа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

