Македонија
Манчевски најави целосно повлекување од политиката, ќе се посвети на својата професија
Поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски попладнево преку социјалните мрежи информираше дека донел одлука целосно да се повлече од политиката.
„Донесов одлука да се повлечам од политиката и да се посветам повторно на мојата професија. Причината за тоа е дека прифатив ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со каков било политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ“, објаснува Манчевски.
Драги пријатели, почитувани граѓанки и граѓани,драги мои другарки и другари,Дозволете да Ве информирам дека донесов…
Posted by Damjan Manchevski on Вторник, 13 октомври 2020
Тој нагласува и дека ваквата одлука нема никаква врска со која било состојба во политиката.
„Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Оваа одлука во исто време е и доста емотивна за мене. Пред сè поради моите другарки и другари, со кои сè правевме заедно. Како што знае да каже еден од нив, станавме сестри и браќа по крв. Нашата приказна е за холивуско сценарио во неколку продолженија. Но, токму заради нив можеби и ја донесов оваа одлука. Затоа што знам дека Зоран, Радмила, Оливер, Љупчо, Мила, Муки, Коста, Никола, Фатмир, Јовче, Петре, Бајдо, Роберт, Марјан, Дуле, Бојан, Сања, Јагода, Благој и сите други ќе ми обезбедат да имам нормална работа во нормална држава“, пишува Манчевски.
Во пораката тој особено им се заблагодара на двајца политичари.
„Зоран Заев. Тој не е човек, тој е човечиште. Да му се заблагодарам за храброста, вербата и посветеноста. Да му се заблагодарам за жртвата. Да му се заблагодарам што бев дел од историјата која ја создадовме. За довербата што секојдневно ми ја дава, уште од кога ме покани да му бидам шеф на кабинетот во партијата во 2008 година. Но, највеќе од сè за неизмерното другарство. Радмила Шекеринска-Јанковска. Уште кога имав 18 години, ме воведе и ми даде шанса во политиката. Цело време, а и ден денес, ми е пример за принципиелност и работливост. Пример за борец, кој не се предава и никогаш не ги става личните интереси во прв план“, вели Манчевски додавајќи дека останува во државата, за да ја сподели судбината и борбата за подобар живот со сите граѓанки и граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агенцијата за храна повлекува од пазарот во Македонија контаминирана формула за доенчиња: „Ако сте купиле, не ја употребувајте“
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на вчерашниот ден спроведоа вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна увозник на почетна формула за доенчиња, последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени, за кои АХВ вчера, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија доби известување за пласиран небезбеден производ на македионскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња со потекло од Ирска кај кој е утврдено присуство на Цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата, во нотификацијата наведено е маслото ARA.
Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.
„Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат, или да го вратат на местото каде што го купиле“, велат од АХВ.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“, додава АХВ.
фото/Depositphotos
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.

