Македонија
Манчевски нема да прифаќа дебати без жена говорник

На настанот „Жените во дигитализацијата“ министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави дека повеќе нема да прифаќа да биде дел од ниту една конференција, дебата или панел-дискусија каде што нема да има најмалку една жена говорник.
Со ова тој ѝ се приклучува на иницијативата на еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел.
„Ќе бидам искрен и ќе кажам дека се радувам и се гордеам што меѓународниот Ден на жената, 8 Март, конечно, и во Македонија почна да се одбележува преку борбата за политичка, економска и социјална рамноправност помеѓу жените и мажите. Особено во сферата на информатичкото општество. Тоа што ние како поединци, како личности избрани од граѓаните мораме да го направиме е секојдневно да дејствуваме против родовите стереотипи и да се трудиме да ги овозможиме сите потребни услови за еднакви можности за граѓаните“, рече Манчевски.
Додаде дека се залага за подобра застапеност на жените на високи позиции, а како доказ за тоа го посочи соодносот во неговиот Кабинет, каде што сите шест советнички се жени, кои Манчевски ги опиша како врвни инженерки, економистки, правнички, лингвистки и најдобри во она што го работат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.