Македонија
Манчевски: Неопходно е јакнење на свест за сајбер-безбедност од најрана возраст
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, присуствуваше на предавање за сајбер-безбедност во ООУ „Петар Поп Арсов“ во општина Карпош.
Во рамките на активностите на Mинистерството за информатичко општество и администрација за јакнење на капацитети и подигнување на свеста во областа на сајбер-безбедноста, денеска беше организирано предавање за сајбер-безбедност, на кое присуствуваа министерот Дамјан Манчевски и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.
„Кога зборуваме за сајбер-безбедност луѓето мислат на безбедноста на компјутерските системи, но тоа не е така, сајбер-безбедноста е многу повеќе и во денешното дигитално време посебно децата кои цело време се на интернет, се изложени на сајбер-булинг, одредени напади кои доаѓаат од сајбер-просторот“, истакна министерот Манчевски.
Во светски рамки податоците се дека 43% од децата биле изложени на сајбер-булинг и веројатно тоа се случува и со децата кај нас.
„МИОА започна пилот-проект за превенција преку едукација и, како што кажа и градоначалникот, заедно со учениците, наставниците и родителите, сакаме да ја кренеме свеста кај сите за сето она што може да се случи преку сајбер-булинг. Насилството во сајбер-просторот, за жал, многу често може да се пренесе и во реалниот простор и децата да бидат физички загрозени“, истакна министерот Манчевски, додавајќи дека дека денешното предавање е во насока да се дознае на кој начин може дополнително да се заштитат децата.
Предавачи на денешниот настан беа началникот на отсек за истраги на интернет и електронско плаќање во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР, како и Матеј Плавевски, кој е дел од победничкиот тим на тинејџери од Северна Македонија кои добија глобално признание за иновативно решение за спречување на насилството.
Предавањето е трет ваков настан во рамки на пилот-проектот и се планира активноста да се прошири и во останатите училишта. Следната недела ќе стартуваат активности и за Европската недела на кодирање и ќе се зборува на овие теми и во основните и во средните училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.
Македонија
МНР апелира македонските државјани да го напуштат Иран во прва можна прилика
Министерството за надворешни работи апелира сите македонски државјани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат земјата поради влошената состојба.
„Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика. Истовремено, се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
фото/епа
Македонија
Обвинителството бара притвор за лицето што ја искрши влезната врата на бугарската Амбасада
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичен законик.
Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.

