Македонија
Манчевски: Префрлањето на администрацијата во приватниот сектор нема да биде политички отстрел
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави дека до крајот на годината ќе ги предложи пакет-мерките за префрлање делови од државната администрација во приватниот сектор во рамките на најавените реформи на државната администрација. Министерот Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека преговорите со стопанските комори за трансфер на администрацијата кај приватниците сè уште се во тек.
„До крајот на годината ќе ги предложиме пакет-мерките за трансфер во приватниот сектор, а реформата на јавната администрација никогаш не реков дека ќе заврши во декември. Таа никогаш нема да заврши. Да, во моментот има имплементација на ИПА-проект финансиран од Европската комисија. Во моментот кога ќе имаме резултати, како што секогаш тоа сум го кажувал, ќе го презентираме во јавноста. Битно е овие анализи, овие бројки, да не си ги пишува министерот сам, туку, напротив, да биде во еден процес со вклучени меѓународни експерти, инклузивен и сите да бидат сигурни дека нема да се работи за политички отстрел зашто и тоа е битно да го знаеме. Ако сега јас земам да го напишам списокот сам, веднаш процесот пропаѓа, затоа замолувам да ги почекаме резултатите. ИПА-проектот го финансира Европската Унија, тотално е деполитизиран и заедно ќе ги разгледаме и бројките и предлог-мерките“, рече министерот Манчевски.
Според неговите најави, со реорганизацијата на државната администрацијата во некои делови можно е да се намали бројот на административци, не е исклучена можноста да се затворат некои институции, а некаде е можно да се зголеми бројот на државните службеници.
Манчевски денес го презентира законот за раководна служба, кој гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции. Законот предвидува да ѝ се даде предност на кандидатката доколку за една раководна позиција има повеќе кандидати со ист број поени во рамките на обидите да се зголеми бројот на жени на раководни позиции во државата. Законот помина на владина седница, а Манчевски смета дека е неопходен бидејќи досега не постоел единствен закон во кој се уредени правилата за именување и назначување лица на висока раководна служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

