Македонија
(Видео) Манчев: Автопатот Скопје – Тетово не е црна точка
Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот за „Макфакс“ изјави дека автопатот Скопје – Тетово не се смета за црна точка во сообраќајот, односно дека на овој пат се многу ретки сообраќајните незгоди.
„Во теоријата нема термин кој дава дефиниција за она што е црна точка, но сите знаеме дека тоа е критично место на патот каде што обично се случуваат голем број незгоди. Според тоа, местото на тешката автобуска несреќа не спаѓа во ризични патишта“, вели Манчев.
Понатаму, како што кажа тој, оваа сообраќајна незгода покажува во каква состојба е сообраќајниот систем во земјата и дали таа има капацитети да се справи, да превенира сообраќајни незгоди.
„Треба да се направи темелна анализа и да се увидат капацитетите на надлежните, дали може да превенираат и да се справат со последиците од ваквите незгоди. Во 2018 година 129 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 6.700 биле повредени. Според број на загинати на 100000 жители, Македонија не е во листата на земји со голем број жртви во регионот. Но, на европско ниво, бројката е висока“, вели Манчев од РСБСП.
Според него, заштитниот појас е една превентивните мерки кои може да спречат несреќа. Во земјите во ЕУ, меѓуградските автобуси треба да имаат фабрички градени појаси на сите седишта, но Манчев рече дека кај нас не е така.
„Според правилникот за техничка исправност на автобуси од типот Ц3, односно кои сообраќаат меѓуградски, во државата појас треба да има вградено на седиштата кај возачот, совозачот и патниците на предните седишта и патникот е должен да го врзе. Во земјите од ЕУ со директива, фабрички треба сите седишта да имаат појаси. Македонија како аспирант за влез во ЕУ, ќе треба да го направи тоа. Во моментот во државата речиси нема автобус кој има безбедносни појаси на сите седишта“, рече Манчев.
Професионален возач не смее да вози повеќе од 8 часа во период од 24 часа. Во конкретниот случај, дали возачот на автобусот возел предолго, односно дали една од причините бил заморот, треба да покаже истрагата, вели Манчев. Професионалните возачи спаѓаат во групата на ризични учесници во сообраќајот, но, сепак, бројот на несреќи е многу мал каде возачи биле тие, покажуваат податоците со кои располага РСБСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

