Македонија
Марин: Со мораториум само се одложува изградбата
Со мораториум само се одложува изградбата. Тоа не е решение, рече градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, на денешната вонредна седница на Советот посветена на градбата кај „Мајчин дом“.
Тој истакна дека голем дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои во 2017 година го изгласале Деталниот урбанистички план со кој се одобрува изградба на деветкатницата, сега се најгласни во противење за истото.
„Ако сте против изградба на деветкатница и сте со граѓаните, кога се носеше ДУП-от ќе бевте доле со сите нас“, им порача Марин на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
Марин во своето излагање хронолошки го опиша процесот како советниците од ВМРО-ДПМНЕ на чело со тогашниот градоначалник Ивица Коневски без присуство на опозициските советници го изгласале спорниот ДУП.
Марин повтори дека е јасно против изградба на каков било објект на парцелата кај „Мајчин дом“, но дека е противзаконски да не се издаде дозвола за градба доколку ДУП-от е веќе донесен.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

