Македонија
Маричиќ во Брајчино: Договорот од Преспа на дело, со соседите никогаш не сме биле поблиски

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беа гости на фестивалот „Запознај ја Преспа“ во село Брајчино, на кого во рамки на културните и гастрономските содржини учествуваа граѓаните од Северна Македонија, Република Грција и Република Албанија.
„За првпат уметниците и граѓаните од трите земји се дружат на едно место, во Преспа. Ваквите проекти, кои произлегуваат од Преспанскиот договор се потврда за неговата важност и поттик на зближување, соработка, вмрежување на граѓаните од трите држави, но и поврзување на регионот на оваа тромеѓа“, вели Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека Преспа веќе нема граница за Македонците, Грците и Албанците, нема разлики и бариери.
„Денес Преспа обединува и е симбол за пријателство, дијалог, разбирање и градење добрососедски односи. Наместо за блокади и политика во Преспа се зборува за заеднички настани, соработка, проекти“, додава вицепремиерот Маричиќ.
На фестивалот „Запознај ја Преспа“ беа присутни и евроамбасадорот Дејвид Гир, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и Ласло Дукс, унгарскиот амбасадор во земјава.
Организатори на фестивалот беа невладината организација „Преспа ГРАД“ и Општина Ресен, со финансиска поддрша од два милиони денари на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД извесуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.00 часот, корисниците од улицата Хо Ши Мин лоцирани на потегот од напојната трафостаница Бутел 2 до објектот бр. 287 Б. (општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има преодно стабилизирање на времето. Од среда кон крајот на денот се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд. Температурата ќе биде во значително опаѓање.
Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.