Македонија
Маричиќ: Време е за брза евроинтеграција на регионот, политиката на проширување на ЕУ мора да има иднина
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска учествуваше на годишниот самит на демократијата во Југоисточна Европа, посветен на „Војната во Европа: Влијанието на Балканот“, во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), кој се оджува во Будва, Црна Гора.
Вицепремиерот Маричиќ се обрати на панел-дискусијата на тема: „Променливата политичка и безбедносната динамика во Западен Балкан“, на кој истакна дека војната во Украина е последно предупредување за Унијата за ризикот што го презема оставајќи го овој регион неинтегриран, со верување дека политиката на проширување на ЕУ нема само минато, туку и иднина.
„Затоа, напредок во евроинтеграциите е нужен за земјите од Западен Балкан и сега не е време за анализи. Време е за брзи интервенции во евроинтеграциите и поправање на грешките од минатото“, рече Маричиќ додавајќи дека и покрај воената криза во Украина, Западен Балкан мора да остане во фокусот на ЕУ бидејќи тоа е од геостратешки интерес и на Унијата.
Вицепремиерот ја истакна и потребата и важноста, партнерите НАТО, САД и Европската Унија да дејствуваат самоуверено, заедно и во хармонија потенцирајќи дека вклучувањето на Западен Балкан во евро-атлантската политичка и безбедносна архитектура ќе даде позитивен трансформативен ефект врз неговата стабилност и економски просперитет.
Маричиќ на маргините на самитот оствари билатерална средба со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, со кој ги потврдија добрите пријателски односи на двете земји за кои се согласни дека треба да бидат пример за земјите од регионот.
На состанокот фокус беше ставен на евроинтеграциите на двете земји и напредокот во реформите, како и потребата за интензивирање на регионалната соработка и можноста за приклучување на другите земји кон иницијативата „Отворен Балкан“, при што Абазовиќ го потврди учеството на самитот на Отворен Балкан, кој ќе се одржи на 7 и 8 јуни во Охрид.
На годинешниот самит на ИРИ учествуваат високи владини претставници од Соединетите Американски Држави, Европа и регионот, претставници на невладиниот сектор, како и аналитичари, отворено да разговараат за клучните теми што се однесуваат на стабилноста на регионот, со фокус на последиците од војната на Русија против Украина на Западен Балкан.
Самитот почна со кратки изјави за медиумите, а соговорници на вицепремиерот Маричиќ на панел-дискусијата беа премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, претставникот на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Курт Волкер, поранешен амбасадор на САД во НАТО и поранешен специјален претставник за Украина, и Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

