Македонија
Маричиќ – Данци: Швајцарската донаторска помош е директна поддршка на европските реформи
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, имаше средба со Патриција Данци, генерална директорка на Швајцарската агенција за развој и соработка, придружувана од Вероник Улман Марти, амбасадорка на Швајцарската конфедерација во Северна Македонија.
„Швајцарија е еден од врвните билатерални донатори во земјата, која има дадено значаен придонес од 1992 година наваму и тоа во клучни сектори од интерес за земјата и граѓаните во областите демократско владеење, учество на граѓаните, локално владеење, но и за инфраструктура, прашања поврзани со водите и рамномерниот регионален развој, како и родовата еднаквост“, истакна Маричиќ на средбата.
Маричиќ и Данци разговараа за Швајцарската стратегија за соработка за Северна Македонија 2021-2024, која е тесно усогласена со реформските процеси на Владата за продолжување на интеграцијата во ЕУ и напорите за постигнување на целите за одржлив развој.
Воедно, посочија дека поддршката од швајцарската влада за идентификуваните тематски приоритетни области за заедничка соработка, во вредност од речиси 65 милиони швајцарски франци, овозможува поддршка на проекти што ќе придонесат во реализацијата на реформските процеси и усогласувањето со стандардите на ЕУ, но и ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.
Маричиќ изрази благодарност до Данци за личната заложба и учество во обезбедувањето на донаторската поддршка за која се согласија дека ќе биде проширена и на високо ниво со цел да се рационализира и да придонесе во спроведувањето на европската агенда во земјата, кои се приоритет на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

