Македонија
Маричиќ – Едштадлер: Австрија е голем пријател и безрезервен поддржувач на европската интеграција на Македонија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, која се наоѓа во работна посета на нашата земја, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за разговорите од одржаната средба.
Вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање пред медиумите истакна дека оваа посета е цврста потврда дека Западен Балкан останува високо на агендата на Европската Унија и нејзините земји членки и дека Австрија останува верен поддржувач на политиката на проширување на Унијата со земјите од регионот.
Австрија ја препознава вистинската и несомнена ориентација на Северна Македонија кон евро-атлантските вредности и идеали и дава безрезервна поддршка и заложба, особено за Северна Македонија и Албанија, во евроинтегративниот процес.
На прес-конференцијата вицепремиерот Маричиќ додаде дека иднината на нашата земја и на целиот регион е европска и дека смета оти е време да се потврди тоа.
„Напредувавме во реформите и ќе продолжиме посветено да чекориме по европскиот пат. Очекуваме Европската Унија гласно да ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и по долг период, да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ“, рече Маричиќ.
Додаде дека во овие тешки времиња кога мирот, стабилноста, безбедноста и демократијата се доведени во прашање, обединетоста на Европа добива уште поголемо значење и дека сите заедно мора да размислуваме за иднината и да не се остави простор за нарушување на кредибилитетот на Европската Унија, европските вредности и идеали.
„Покажавме дека сме доверлив партнер на ЕУ и дека не ја менуваме својата политика преку ноќ, дури и кога нашиот макотрпен труд не е валоризиран и не оди во прилог на политиката на проширување“, рече Маричиќ. Тој изрази и очекување дека Европската Унија ќе ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и по долг период, ќе ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан.
Сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, рече дека Австрија ќе направи сè што може во овој регион за да добие една доверлива европска перспектива, со факти и со чекори, кои со децении се чекаат и се говори за нив.
Според неа, потребно е од зборови да се премине кон дела, а сега е вистинско време да се постави курсот на дејствување бидејќи Западниот Балкан е прашање на безбедноста на Европа и веродостојноста на ЕУ.
Едштадлер истакна и дека ЕУ и Западен Балкан треба да останат сплотени заедно, како и дека во Северна Македонија треба, конечно, нареден чекор за отворање на процесот на проширување, а Австрија е на почетокот на фронтот како силен поддржувач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

