Македонија
Маричиќ: Западен Балкан се реформира, очекуваме план за членство во ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето видеообраќање на денешниот Скопски Економски Форум, на панелот насловен: „После Самитот во Тирана: Пристапувањето на Балканот во Европската Унија“, кажа дека европската перспектива на регионот е реална и предвидлива, но од ЕУ се очекува јасен план за политиката на проширување.
„ Балканот е на реформскиот пат, посветен е на трансформацијата на општествата, но она што очекуваме е план за членство во Европската Унијата. Јасната европска перспектива со точни и предвидливи датуми ќе делува како катализатор, и ќе ни биде поттик брзо да ги спроведеме реформите, или фигуративно кажано – да понудиме навремени и квалитетни решенија за нашите обврски и задачи кон ЕУ, истакна Маричиќ.
За вицепремиерот темата на панелот е клучна за ЕУ и регионот, во време кога стариот континент е соочен со безбедносна криза и кога сме сведоци на создавање услови и обид за нов геополитички поредок.
„ Нас како европјани најповеќе нè интересира кои се следните чекори и каде и како ќе се движи Европа. Руската агресија врз Украина беше аларм за Европската унија дека мора јасно и прецизно да ја дефинира својата стратешката политика и да направи план за европската перспектива на нашиот регион, посочи Маричиќ.
Маричиќ смета дека неопходно е испраќање сигнал дека Европската Унија останува и понатаму да ја има водечката улога ЕУ на овие простори и дека тоа веќе го потврди со одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана.
„ Унијата ја потврди посветеноста и најави натамошен зголемен политички ангажман во регионот. Ова е особено важно во време кога довербата кај граѓаните од државите на Западен Балкан за процесот на евроинтеграциите значително опаѓа, првенствено поради ставањето на страна на регионот и долгото чекање пред вратите на ЕУ, укажа Маричиќ.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ уверува дека постои одлучност да го постигнеме посакуваниот напредок на патот кон членството во ЕУ и процесот на преговори да го изведеме квалитетно и брзо.
„ Нашата крајна цел е да ја донесеме Европа дома, за да ја живееме Европа, а не само да зборуваме и да се надеваме на неа. Со Европската унија ја делиме одговорноста и европските вредности, и како стратешки партнери заеднички ќе одговориме на сите надворешни влијанија, обезбедувајќи континуирана политика на проширување и обединување на Западен Балкан со ЕУ, изјави Маричиќ.
Вториот Економски Форум во Скопје е во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис-асоцијација. Форумот го отвори премиерот Димитар Ковачевски, а учество зедоа и политичари од регионот, меѓу кои и премиерите на Косово и Црна Гора, Албин Курти и Дритан Абазовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претставниците на Фондацијата Ромите за демократија на средба со ДИК: Легитимноста и транспарентноста на изборниот процес не смеат да бидат нарушени
Државната изборна комисија денес ги прими на средба претставниците на Фондацијата Ромите за демократија – Скопје кои протестираа поради попречување во исполнувањето на нивните права како акредитирани набљудувачи на ДИК, на првиот круг од Претседателските избори што се одржа на 24 април 2024.
На средбата претставниците на Фондацијата ги образложија ситуациите со кои се соочиле на денот на изборите а кои се однесуваат на попречување на нивната работа како набљудувачи од страна на избирачките одбори на неколку места низ државата. Присутните претставници на фондацијата укажаа на несоодветни постапки и барања од страна на неколку избирачки одбори во Куманово, Кичево, Струмица, Шуто Оризари и Виница. Во таа насока, членовите на Државната изборна комисија информираа дека ќе упатат насоки со укажувања до Општинските изборни комисии на Куманово, Кичево, Струмица, Шуто Оризари и Виница и по разгледување на конкретните ситуации ќе се преземат и конкретни мерки кон членовите на Општинските изборни комисии и избирачките одбори.
По укажувањата за несоодветно постапување на членови на избирачки одбори во наведените места, членовите на Државната изборна комисија ги прифатија забелешките и преземаа обврска за понатамошно делување во однос на решавање на овие случаи како и обврска да се превенираат исти или слични вакви ситуации за вториот круг на претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај.
„Вие како и сите други акредитирани набљудувачи од страна на Државната изборна комисија, неспорно е дека имате право на непречано извршување на вашата обврска согласно законските и подзаконски акти кои се однесуваат на остварување на набљудувачката дејност на денот на изборите. Во таа насока, Државната изборна комисија, веднаш ќе преземе мерки за да се превенираат евентуални попречувања и на 8 мај а ќе се разгледаат конкретните примери и соодветно ќе се постапи по однос на истите. Легитимноста и транспарентноста на изборниот процес не смее да бидат нарушени ниту да се доведат во прашање заради изолирни случаи. Поради тоа Државната изборна комсија презема обврска во дадените случаи да постапи соодветно на законските надлежности и да спречи било каков обид во иднина за евентуално нарушување на законитоста и транспарентноста на процесот“, истакна претседателот Даштевски.
ДИК апелира до сите изборни органи доследно да ги почитуваат правилата за набљудување на изборите од страна на акредитираните набљудувачи и истите да постапуваат соодветно на Изборниот закон и подзаконските акти донесени од ДИК.
Македонија
Со крводарителска акција одбележан Светскиот ден на слобода на медиумите
Со крводарителска акција која се одржа денес (02.05.2024)во четири града во Македонија новинарите и медиумските работници беше одбележан 3 мај – Светскиот ден на слобода на медиумите.
На акцијата организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со поддршка на Црвен Крст на Град Скопје и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се приклучија десетици новинари и медиумски работници од Скопје, Штип, Струмица и Битола.
Овој настан се одржува втора година по ред и е во рамки на кампањата за одбележувањето на Светскиот ден на слобода на медиумите предводена од Меѓународната федерација на новинари, чиј член е ССНМ.
По тој повод на настанот се обрати и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече дека по повод овој ден треба да се испратат две важни пораки.
„Денеска оттука треба да испратиме неколку важни пораки, а тие се поврзани со слободата на медиумите, слободата на изразувањето и правото на слобода на говор. Слободата на медиумите се темели на два фундаменти. Тоа е здравото работно место, односно работните места ослободени од прекаријат и слободата на изразување односно правото на слободна мисла. И тука треба да си го поставиме прашањето дали ние работиме во такви услови. Сепак, бројките се поразителни, за да можеме да одговориме на ова прашање треба да констатираме дека 70% од вработените, над 2.000 медиумски работници се со плати под државниот просек и ист толкав број сакаат да ја напуштат оваа професија“, рече Беловски.
Според него солидарноста е многу важна во борбата за слободата на изразување и слободата на медиумите.
„Сто и дваесет наши колеги во светот и го загубиле животот. Затоа треба да се солидаризираме и денеска со оваа крводарителска акција да покажеме дека иако често е глорифицирана нашата работа и сме поттикнати дека сме поважни од останатие, тоа не е така, ние сме само обични луѓе, но сме важни по едно прашање, а тоа се грижиме за демократијата и преку нашата работа ја поттикнуваме слободата на изразувањето и градиме подобри општества. Но за да можеме да градиме подобро општество и здрава демократија мора да имаме предвид дека треба да сме слободни при тоа што го работиме“, додаде Беловски.
На настанот се обрати и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ кој нагласи дека овој ден е важен во борбата на новинарите за подобри услови за работа.
„Новинарите често работат во небезбедни средини, соочени со цензура, малтретирање, заплашување, па дури и насилство. Слободата на медиумите е тесно поврзана со правото на пристап до информации на граѓаните. Овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право, клучно за информирано донесување одлуки и функционирањето на една демократија“, рече Драган Секуловски“, извршен директор на ЗНМ.
Секретарката на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска се заблагодари за хуманоста и додаде дека функцијата која ја вршат новинарите е многу важна.
„Исто така вашата активност, вашата работа во нашето општество и глобално на светско ниво покажува навистина дека сте луѓе кои заслужуваат почит бидејќи и во мирнодопско време и во време на кризи, војни вие сте тука да ги информирате луѓето за тоа што се случува. Сметам дека бројката од 125 новинари кои го загубиле животот во една година исто така на своите работни места говори за тоа колку сте изложени на ризици. Меѓутоа повторно истакнувам дека начинот на којшто во Македонија го одбележуваме овој ден се покажува навистина почит кон животот“, рече Тунева-Пауновска.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Општина Охрид да одговори за градбата на хотелот во туристичкиот локалитет „Горица“
На иницијатива на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска се одржа седница на Националната комисја на УНЕСКО, на која беше разгледана актуелната состојба со изградба на хотелски комплекс на туристичкиот локалитет „Горица“.
Членовите на Комисијата донесоа заклучоци со барања до Општина Охрид, како надлежен орган, за доставување на целокупната документација околу изградба на пртедметната локација.
Министерката Косдадиновска-Стојчевска рече дека со оглед на надлежноста и одговорноста што Комисијата ги има, ова тело не смее да остави простор за изигрување на постојаната законска регулатива, поврзана со заштитата на светското природно и културно наследство.
Затоа, Националната комија на УНЕСКО побара од Општина Охрид да ја достави целокупната документација поврзана со предметната парцела: урбанистичка документација за предметната градежна парцела (извод од план или урбанистичката документација врз основа на која е планирана оваа градба и со која е оформена градежната парцела), договор и анекси на договорот за отуѓување на градежно земјиште со електоронско јавно наддавање за градежната парцела, одобрение за градење на градбата од градежната парцела, проектна документација за градбата од градежната парцела врз основа на која е издадено одобрението за градење, известување за почеток на градба, дозвола за сеча на шуми согласно закон и сите други документи поврзани со предметната градежна парцела, а биле потребни за реализација на градбата од градежната працела.
Со оглед на тоа што претставниците на надлежните институции, членки на Националната комисија се изјаснија дека немаат никаква документација поврзана со предметот, беше донесен заклучок од Општина Охрид, чиј претставник не присуствуваше на седницата, да биде побарана целокупната документација која датира од 2011 година наваму.
Во воведот на седницата, Костадиновска-Стојчевска посочи дека до надлежните институции од културата не е доставено барање за изработка на планска документација. Исто така за предметната локација не е доставено никакво барање до НУ Завод и Музеј – Охрид и не се изготвени заштитно конзерваторски основи (ЗКО).
Проект за изградба на предметната локација не е доставен до надлежните институции од културата бидејќи во тој период не беше донесен План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. По донесување на План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не е доставен проектот ниту до Комисијата за управување со природно и културно наследство на Охридскиот Регион ниту до НУ Завод и Музеј – Охрид.
По добивање на потребната документација и информациите од Општина Охрид, Националната комисија на УНЕСКО ќе се произнесе со свои заклучоци и препораки во однос на изградба на хотелски комплекс на „Горица“.