Македонија
Маричиќ: Имаме најголема подготвеност по кластери од земјите во регионот
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес, на 31. седница на Комисијата за европски прашања, со единствена точка на дневен ред – извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година, пред пратениците и дипломатскиот кор во земјата посочи дека оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2021 година е 3,11, односно добро ниво на подготвеност.
„Подготвеноста по кластери недвосмислено покажува дека Северна Македонија има најголема подготвеност во регионот, со средна оценка од 3,02 во областите и поглавјата од Кластерот 1 Темели, дури и во однос на земјите што веќе преговараат за членство – Србија со средна оценка 2,68 и Црна Гора со средна оценка 2,83, рече вицепремиерот Маричиќ.
Извештајот на Комисијата дава објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите во кои треба да се зголемат напорите и да се испорачаат повеќе резултати. Во согласност со анализата на Секретаријатот за европски прашања, која се прави врз основа на стандардизирана методологија и според неа земјата има исто така солидно ниво на подготвеност во Кластерот 3 Конкурентност и инклузивен раст и е на исто рамниште со Црна Гора. Истата констатација за нивото на подготвеност важи и за Кластерот 4 Зелена агенда и одржлива поврзливост, каде што сме исто рангирани со Србија, која веќе го отвори овој кластер.
„Според резултатите што ги имаме, очекувана беше и констатацијата на Комисијата во октомври минатата година кога се објави извештајот дека ‘земјата продолжува да ги исполнува условите за отворање на пристапните преговори, а властите јавно ја демонстрираат својата цврста посветеност за напредок на земјата на нејзиниот пат кон ЕУ’“, додаде Маричиќ.
На крајот, вицепремиерот Маричиќ потенцира дека се потполно свесни оти, покрај остварените резултати, земјата ја чека уште многу работа. Затоа и смета дека процесот на европска интеграција е прашање за кое треба да имаме обединет пристап за да може поефикасно да се спроведуваат реформите.
„Темпото на реформите најмногу зависи од нашата посветеност, искрен пристап и широкиот консензус во општеството, но и во ова Собрание, кој е неопходен за да напредуваме со посакуваното темпо. Секако дека формалниот почеток на пристапните преговори ќе го обезбеди неопходниот поттик за спроведување подлабински реформи со забрзана динамика не само во усогласувањето со правото на ЕУ туку и во суштинска имплементација на донесените закони“, заклучи вицепремиерот за европски прашања Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.

