Македонија
Маричиќ-Лирман: Фокус на реформите и заедничка посветеност на патот кон ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес имаше средба со министерката за Европа при Министерството за надворешни работи на Германија, Ана Лирман, на која разговараа за билатералните односи меѓу двете земји, политичката состојба во регионот и неговата европска перспектива.
„Сојузна Република Германија останува наш партнер и силен поддржувач на евроинтегративниот процес. Заеднички ќе одговориме на предизвиците кои нè очекуваат оваа зима и ќе ги надминеме со добра координација и соработка“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Тој на средбата упати благодарност до министерката Лирман за континуираната поддршка, потенцирајќи дека ја цени поддршката што последователно и јавно беше дадена за напредокот што го постигнаа Северна Македонија и Албанија.
Министерката Лирман ја потврди германската поддршка за земјава за успешен процес на преговори, посочувајќи дека земјата треба да остане фокусирана на европскиот пат со брзо спроведување на реформите кон исполнување на стратешката цел членство во ЕУ.
Во продолжение на средбата вицепремиерот Маричиќ ја информираше министерката Лирман дека минатата недела беа завршени објаснувачките состаноци за кластерот Темели, а утре веќе почнува објаснувачкиот скрининг за внатрешниот пазар на кластерите.
Маричиќ и Лирман разменија мислења и околу билатералните односи помеѓу двете земји, изразувајќи очекување дека ќе бидат продлабочени во претстојниот период и тоа во вид на поддршка за процесот на преговори, во областите во кои е потребно.
Денес и утре Маричиќ ќе биде во работна посета на Стразбур, каде ќе се обрати на 20. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, по точката: „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, заедно со министерот за европски прашања на Република Чешка, Микулаш Бек, Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Елза Фeнет, раководителката на Одделот „Западен Балкан“ во Европската служба за надворешни работи и европратеникот и постојан известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

