Македонија
Маричиќ-Могерини: Ја активираме соработката со „Колеџот на Европа“ за поддршка во процесот на преговори со ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, денеска, во рамки на посетата на „Колеџот на Европа“, во Бриж имаше средба со поранешната висока претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, а сега ректорка на „Колеџот на Европа“ Федерика Могерини.
На средбата, иницирана од вицепремиерот Маричиќ, беше разговарано за можностите за унапредување на соработката во рамки на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање, преку различни курсеви, тренинзи и проекти кои ќе го доближат процесот и олеснат преговорите со ЕУ.
– Поддршката од „Колеџот на Европа“ во зајакнување на знаењето на македонската администрација ќе биде од големо значење за евроинтеграцискиот процес. Активирањето на Меморандумот за разбирање со „Колеџот на Европа“ е добар знак за нашата посветеност и желба успешно да го завршиме преговарачкиот процес, рече на средбата Маричиќ.
Ректорката Могерини исто така изрази задоволство иницијативата за активирање на активностите предвидени со Меморандумот за разбирање и од можноста за соработка токму во процесот на преговори на Северна Македонија со Унијата.
Покрај тоа, се разгледаа и можностите за учество на нашата администрација на летните семинари на колеџот, како и можноста за заедничка проектна соработка. Двајцата изразија очекување дека на ваков начин ќе се придонесе во стручното усовршување на сите кои се вклучени во преговарачкиот процес, како и дека јакнењето на капацитетите е чекор кон постигнување на целта членство до 2030 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тридневна акција за собирање на кабаст отпад во Куманово

Во согласност со насоките од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Куманово во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“ организира тридневна акција за собирање на кабаст отпад.
Акцијата ќе се спроведе во период од 12.09. до 14.09.2025 година (петок, сабота и недела).
Големи корпи за кабаст отпад ќе бидат поставени на следниве локации:
– населба Гоце Делчев (поранешен „Шипад“)
– населба Бабин Дол (кај последната трафостаница)
– населба Тоде Мендол (место викано Бараки).
Се апелира до сите граѓани кабастиот отпад (стар мебел, електрични уреди, големи предмети и сл.) да го одложуваат исклучиво на наведените локации во предвидениот период, со цел сите заедно да придонесеме за почиста и поуредна животна средина.
Македонија
Со лаги власта ја сведува катастрофата од Дрисла и Вардариште на „визуелна“ грешка, велат од ДОМ

Зелената партија ДОМ најостро ја осудува, според нив, неодговорната и срамна изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека загадениот воздух „само изгледа алармантно“. ДОМ предупредува: кога градот е прекриен од чад и два дена смрди на изгорена гума, таквите лаги не се само некомпетентни, туку претставуваат крајно нехумано однесување кон сопствените граѓани. ДОМ бара итен крај на ова, како што го нарекуваат, политичко манипулирање.
„Доколку Мицкоски навистина мисли дека „визуелниот“ чад го заменува ѕвоното на алармот, тогаш нека одржи презентација на 7-метарските гласачки ливчиња (кои патем кажано, тој бомбастично ги „најави“) наместо за мерењата на загаденост. Граѓаните не се без чувство за мирис во однос на отровните честички што ги уништуваат нивните бели дробови – тие знаат кога некој се труди да ги измами со политички предизборни трикови.
Овој колосален неуспех на Владата е за жал суштинска мисија за самоуништување: нема ниту еден официјален совет како да се заштитат ранливите групи, нема ниту една предупредувачка порака, ниту мерки за итна дистрибуција на чиста вода и заштитни маски. Дури ниту Институтот за јавно здравје не добил податоци за загаденоста, што сведочи за парализата на сите надлежни служби“.
Граѓаните, додаваат од ДОМ, веќе го покажаа својот револт, блокади, протести и барање одговорност. ДОМ ја повикува и опозициската СДСМ да престанат да бидат сопартијци во оваа нивна коалиција на неодговорни.
„Имаат пратеничка група во Собранието и преку иницијативи и јавни расправи за овој скандал можат да помогнат да го осудат овој чин на необјективност и неодговорност на Владата“.
ДОМ бара итни конкретни чекори: веднаш гаснење на пожарите на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“, секојдневни извештаи од мерните станици, активирање на итни здравствени протоколи за заштита на ранливите категории и старт на стратешки план за модерно управување со отпадот во Скопје. Не смееме да дозволиме во никој случај политичка манипулација над здравјето на граѓаните.
Македонија
Дождот не помогна многу – чадот од „Дрисла“ и утрово не стивнува, затрупувањето продолжува

Дождот засега не помогна многу во гаснењето на пожарот во депонијата Дрисла, што се чувствува во воздухот во Скопје.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека секојдневно се истурале тони вода, но чадењето продолжувало. Вчера властите прибегнаа и кон затрупување на опожарените делови, но депонијата продолжи да гори и утрово.
Ангелов најави дека во 12.00 часот ќе одржи прес конференција на која детално ќе информира за сите активности кои се превземаат на депониите Дрисла и Вардариште.
Жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Драчево и Кисела Вода, синоќа на социјалните мрежи реагираа дека надвор не се дише и мириса на изгорено. Ангелов кажа дека ветрот го сменил правецот и чадот од депонијата се упатил кон Скопје.