Македонија
Маричиќ: Ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ е горд што Владата го одбранила македонскиот интерес во преговорите со Бугарија кои биле искрен и отворен дијалог.
– Во тој процес бевме исклучиво водени од интересот на граѓаните и затоа сум горд што ги одбранивме нашите позиции и на достоинствен начин го направивме нашиот јазик и идентитет европски. Ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Историјата им ја оставаме на историчарите и овие прашања не се во преговарачката рамка. Договорот за добрососедство со Бугарија се наоѓа во општиот дел на рамката, а не во патокази според кои ќе бидеме дополнително оценувани – рече Маричиќ на прес-конференцијата по средбата со германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
![]()
Тој додаде дека е време да се запечатат македонскиот јазик, идентитет и иднина.
– Сега кога работите се поместени од мртва точка, кога се отвораат вратите за нас за да седнеме на иста маса со развиените земји, потребни се одлуки. Потребно е како држава да покажеме обединетост. Не знам на кого би му одело државата да ја оставиме во неизвесност и можни турбуленции од надворешни и внатрешни влијанија.
![]()
Специјалниот претставник Сарацин истакна дека францускиот предлог го гледа како можност за отпочнување на преговорите со ЕУ, кој според него претставува широко отворена врата како што не била досега. Сарацин ја потврди посветеноста на Сојузната влада за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, а ова е значаен чекор кој е од интерес и на ЕУ и на регионот.
„Оваа Влада во изминатите денови навистина интензивно преговараше и компромисот кој што сега е на маса и како што јас го читам е вистински компромис во кој се земени во предвид барањата на македонската Влада и мислам дека тоа е знак дека Европа може да функционира тука“ – рече Сарацин.
Сарацин потенцираше дека политиката на проширување и интеграцијата на Западен Балкан е клучна и за германската Сојузна Влада и затоа е многу важно овој процес со Северна Македонија да се заокружи и дека тоа е наш интерес, но и во интерес на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

