Македонија
Маричиќ од Брдо: Реформите испорачани, ЕУ да го врати проширувањето на својата агенда
Министерот за правда Бојан Маричиќ се обрати во двете работни сесии на средбата на министри, која се одржа во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, во Брдо – Крањ, од каде испрати порака дека проширувањето на ЕУ треба повторно да биде ставено во фокусот.
„На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија“, кажа Маричиќ по споделувањето на се она што е реализирано во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството пред колегите од Западен Балкан и претставниците на ЕУ меѓу кои и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.
Набројувајќи ги сите усвоени клучни стратешки документи за понатамошно подобрување на работата на судиите/обвинителите како и обезбедување на нивната независност од потенцијалниот надворешен и внатрешен притисок, министерот за правда најави дека веќе е во процес на изработка нова Стратегија, за периодот 2023-2027 година.
Во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, министерот за правда Маричиќ се задржа на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Северна Македонија.
„Мој личен став како министер е дека примарно и најважно што можеме да преземеме за да се испорача правдата и нашите граѓани да имаат доверба во нашите правосудни системи е да вложуваме во квалитетна и професионална обука на професионалците кои влегуваат во правосудниот сектор“, потенцираше Маричиќ.
Во фокусот се најде и дигитализацијата на судството за која тој рече дека е повеќе од потребна во борбата против корупцијата.
„Кога се дигитализираат повеќе процеси, се намалуваат шансите за човечко влијание. А тоа, според мене, дава дополнителна вредност на целиот процес и напори што ги правиме. За тоа ни се потребни судии, обвинители и судска администрација кои постојано ќе се надоградуваат следејќи ги програмите и обуките на Академијата за судии и јавни обвинители, што е и една од задачите на Академијата“, заклучи Маричиќ.
На крајот, министерот за правда испрати порака дека направивме позитивни промени во правосудството во духот на европските вредности и дека очекува ЕУ партнерите да го наградат тоа давајќи им на Северна Македонија и Албанија датум за отпочнување на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

