Македонија
Маричиќ од Брисел: Имаме напредок и добро ниво подготвеност во Поглавје 23, сега треба да забрзаме со реформите
Во Брисел денес почна дводневниот билатерален скрининг за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“, на кој заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, рече дека континуирано расте напредокот во правосудството, што е потврдено и последниот Извештај на ЕК за 2022.
„Имаме постигнато доволно добро ниво, а сега мораме да ги забрзаме реформите кои ќе имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Но, има уште многу што да се направи. Приоритет на македонската администрација и правосудни органи мора да остане исполнувањето на обврските во оваа област со цел задржување на динамиката и напредокот во преговорите. Скринингот и текот на преговорите очекуваме да дадат брзи мерливи резултати кои квалитативно ќе се одразат на целиот процес и на целокупниот општествен амбиент“, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.
Од страна на претставниците на Европската комисија на почетокот на состанокот беше кажано дека очигледен е напредокот и посветеноста на реформите во правосудството, што е нотирано и во годишниот Извештај за 2022 година, но дека не е сè направено и мора уште да се работи.
Експертите посочија дека нема сомнеж дека Северна Македонија има значајно подобрување во оваа област и ја истакнаа проактивноста на Државната комисија за спречување на корупција. Тие додадоа дека сме добар пример за мултиетничко општество, а потенцираа дека мора да продолжиме во обезбедувањето на основните права, заштитата на малцинствата.
На билатералниот скрининг за Поглавјето 23 учествуваат над четириесет претставници од државните институции кои презентираат и одговараат на прашањата од експертите на Европската комисија во четири тематски целини: судски реформи, антикорупциска политика, фундаментални права и права на граѓаните на ЕУ.
Одговорна институција за Поглавјето 23 е Министерството за правда, а координаторка на преговарачката група е Фросина Тасевска, државен советник за ЕУ-интеграции.
антикорупциската политика и фундаменталните права, од денот акцентот беше ставен на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и сл.
Македонскиот преговарачки тим презентираше на две теми: Антикорупција и фундаментални права, со акцент на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и сл. Презентирањето за фундаментални права, ги опфати прашањата поврзани со правната рамка на фундаменталните права, понатаму правата на слободно изразување и религија, мерки за борба против расизмот и ксенофобијата, говорот на омраза и злосторство од омраза, правата на детето, недискриминација – расна или етничка дискриминација, вклучително и права и дискриминација на Роми, дискриминација против ЛГБТ-заедницата, родова еднаквост и насилство врз жените, слобода на изразување, вклучувајќи ja слободата на медиумите и плурализам и права на лицата со попреченост.
Утре билатералниот скрининг за поглавје 23 продолжува со темата фундаментални права и судство, известуваат од Секретаријатот за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

