Македонија
Маричиќ од Брисел: Успешниот старт на билатералниот скрининг е поттик за побрз напредок во реформите
Заменик-претседателот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, по завршувањето на првиот дел од билатералниот состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, кое е во рамки на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“ изјави дека македонскиот преговарачки тим имал одличен почеток на билатералниот скрининг, со јасни и добро подготвени презентации, препознаени и од Европската комисија.
Интегралниот текст од изјавата од Брисел во продолжение:
„Денес имаме големо задоволство да го започнеме првиот состанок на билатералниот скрининг, овој пат за поглавјето ‘Јавни набавки’, во рамките на кластерот ‘Фундаментални вредности’.
Имавме одличен почеток на билатералниот скрининг, со многу јасни и прецизни, концизни презентации од наша страна, коишто беа пофалени и препознаени од експертите на Европската комисија.
Покрај деталните презентации коишто ги направивме на полето на законската и институционалната рамка за Јавни набавки на Република Северна Македонија одговаравме и на прашања на Комисијата и покажавме високо ниво на подготвеност.
Ова е за нас поттик да продолжиме понатаму и што побрзо и што поуспешно да ги завршиме скрининг-состаноците. Тоа ќе ни даде една целосна слика колку сме успешни, каде имаме уште многу работа и во кој временски рок можеме да ги заклучиме преговорите.
Имаме многу енергија, имаме многу знаење и многу работиме за да дојдеме до зацртаната цел – членство во Европската Унија до 2030 година“, вели вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
Денеска во Брисел почна билатералниот скрининг со состанокот за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, а заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, ќе го предводи македонскиот преговарачки тим.
На првиот состанок од билатералниот скрининг исто така присутни се и заменик-преговарачот и државен секретар Дрита Абдиу- Халили и Зулфи Исмаили, амбасадор во постојаната Мисија на Северна Македонија при ЕУ со седиште во Брисел.
Членовите на Работната група за Поглавје 5, на билатералниот скрининг состанок, им ја претставија на експертите од Европската комисија македонската законодавна рамка и нивото на усогласеност со правото на ЕУ во ова поглавје од преговарачкиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

