Македонија
Маричиќ: Планот за влез на Западен Балкан во ЕУ не смее да остане само на зборови
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на првиот билатерален форум на македонски и шпански тинк-тенк организации, во сесијата посветена на евроинтеграциите и на политиката на проширување на ЕУ.
Маричиќ во своето излагање рече дека моменталната геополитичка ситуација предизвикана од руската воена агресија врз Украина, отвори можност за забрзана интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан, но не е целта како што вели тој „да го прескокнеме преговарачкиот процес“, туку конечно да се оствари ветеното од Порто Карас.
„Планот презентиран од претседателката на Европската комисија не смее да остане само на зборови, туку практично да се примени. Потребен е предлог на маса за тоа кои се приоритетите во склоп на забрзаната интеграција, ЕУ и земјите членки тоа да го поддржат и да се креира календар за идниот период“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ, посочи дека на прашањето „Кога и како до членство“ е потребно е од наша страна да имаме интензивна реформска агенда дома, а од страна на ЕУ јасен план за членство, кое ќе ја зголеми поддршката за евроинтегративниот процес кај граѓаните.
Дискусија се отвори и за актуелната состојба во односите меѓу двете земји и потенцијалот за соработка во иднина, а во таа насока вицепремиерот Маричиќ изрази верување дека Шпанија како и досега ќе остане силен поддржувач на Северна Македонија и во пресрет на шпанско претседателство со ЕУ дека шпанската влада останува посветена на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот.
„Потребно е да се одржи следната Меѓувладина конференција за време на шпанско претседателство, односно до крајот на годината. Ова ќе биде најдобрата инвестиција на шпанското претседателство, бидејќи интеграција на Западен Балкан во ЕУ е инвестиција во безбедноста, стабилноста и мирот во Европа“, посочи Маричиќ.
Првиот билатерален форум на македонски и шпански тинк-тенк организации под наслов „Размислуваме и работиме заедно“ беше организиран од Институтот „Преспа“, на заедничка иницијатива со Кралскиот институт Елкано од Мадрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

