Македонија
Маричиќ: Потребен е ентузијазмот кој го имавме пред 32 години за одлуки кои носат стабилност и благосостојба на сите
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на граѓаните го честитаа 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија, порачувајќи дека денес е свечен, државнички и историски ден за сите македонски граѓани, кои пред 32 години со силна верба избраа пат за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава.
„Ја одбележуваме 32 годишнината од независност на државата остварена како мечта на сите претходни генерации. На нашите претходници им оддаваме огромна чест, признание и им се поклонуваме за нивниот придонес низ годините и вековите до историската одлука кога на референдум, на 8 септември 1991 година нашиот народ изгласа независност и суверенитет.
Со таа историска одлука им се спротивставивме на центрите и околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт и избравме пат со силна верба за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава“, стои во честитката на Маричиќ.
После 32 години независност Северна Македонија ужива посебен углед во светот и се стекна со доверба да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот демократски цивилизациски свет, вели Маричиќ, укажувајќи дека на сегашните генерации е историската чест и одговорност да ја чува и развива државата.
„Уверен сум дека на бранот на ентузијазмот што ги движеше одлуките кога се донесуваше независноста, и денеска можеме да ги надраснеме разликите и да се соочиме со сите предизвици – да обезбедиме стабилна иднина, заедно со нашите меѓународни пријатели, да живееме во мир, стабилност, брз економски раст и благосостојба, брзајќи кон денот кога независноста на нашата земја ќе ја славиме како членка на Европската Унија, нагласи вицепремиерот Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

