Македонија
Маричиќ: Почетокот на преговорите со ЕУ ќе донесе само позитивни промени

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, денес во Брисел одржа брифинг со Центарот за европска политика, каде што го повтори ставот на Владата дека постои разочарување поради повторното блокирање на почетокот на преговорите со Северна Македонија, но и дека земјата нема да се откаже од европскиот пат, информираат од неговиот кабинет.
Според министерот за правда, проблемот со Бугарија може да се реши само преку заемно почитување и со европско однесување.
„Доколку се има искрен пристап и однос што не е потценувачки за никого, договор и деблокирање на процесот е можен“, изјавил Маричиќ.
Тој на ЕПЦ информирал и за длабоките реформи што се спроведуваат со цел враќање на довербата на граѓаните во правната држава.
На брифингот Маричиќ говорел и за претстојниот попис и за неговото огромно значење за државата.
Министерот кажал дека првата фаза од попишувањето заврши успешно и дека за неколку дена, односно од 1 април, ќе почне и успешно ќе се спроведе главната фаза на статистичката операција.
Тој кажал дека Северна Македонија немала попис веќе 20 години, а таа состојба повеќе е неиздржлива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ослободувањето на Мерко е најголем доказ дека со судството и обвинителството раководат СДС и ДУИ

Денес СДС расфрлаат пердуви, лаги и манипулации, се со цел да го покријат срамот на правосудството кое го ослободи Рамиз Мерко, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес СДС расфрлаат пердуви, лаги и манипулации, се со цел да го покријат срамот на правосудството кое го ослободи Рамиз Мерко. СДС се пуштени на најјако со разни фабрикации, само да не се зборува за ослободувањето од вина на Рамиз Мерко, нивниот коалициски партнер. Ослободувањето на Мерко е најголем доказ дека со судството и обвинителството раководат СДС и ДУИ“, се наведува во соопштението.
Правниот систем, според ВМРО-ДПМНЕ, е разрушен од судиите и обвинителите кои ги постави СДС и ДУИ, а кои имаат единствена цел да го спасат од одговорност секој нивен функционер кој со години ја ограбувал државата.
Македонија
Приведен бизнисменот Ристо Крмзов, осомничен за финансиски криминал

Полицијата утрово го привела Ристо Крмзов, бизнисмен од Струмица, за кого минатата година во септември беше отворена предистрага за финансиски криминал.
Од Обвинителството велат дека освен Крмзов, приведени се уште две лица.
„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК полициски службеници реализираа акција во која е обезбедено лице за кое во септември минатата година беше отворена предистражна постапка. Освен ова лице обезбедени се уште две други лица“, соопштија кусо од обвинителството, а повеќе детали најавија за утре.
Крмзов е под истрага поради сомневања за даночно затајување и перење пари.
Македонија
АД ЕСМ: СДСМ и ДУИ ја наполнија компанијата со партиски кадри, незаконските вработувања се минато

„Актуелното раководство на АД ЕСМ, назначено на крајот на август минатата година, веднаш по назначувањето затекна сериозни предизвици во компанијата. Покрај катастрофалната финансиска и техничко-технолошка состојба во капацитетите за производство на електрична енергија, еден од најголемите проблеми беше справувањето со стотици несоодветни кадри вработени преку незаконски конкурси“, велат од АД ЕСМ.
„Само преку последниот конкурс, во пресрет на минатите парламентарни избори на 31 декември 2023 година, биле реализирани точно 699 вработувања. Станува збор за партиски и несоодветни кадри од кои повеќето, до август минатата година односно пред доаѓањето на новиот менаџерски тим – воопшто не се ни појавувале на работните места, иако редовно земале плата и им биле плаќани придонеси. Овие вработувања биле реализирани преку груба злоупотреба на систематизациите во сите подружници на АД ЕСМ, што укажува на системско непочитување на процедурите и можна злоупотреба на службената положба во претходниот период.
За да се обезбеди навремено и соодветно спроведување на работните процеси, АД ЕСМ мора да ги пополни некои од испразнетите места преку привремени вработувања на стручни кадри. Паралелно со ова, во тек се процедури за усогласување и усвојување на новите систематизации, со цел целосна оптимизација на човечките ресурси. Ова вклучува ревизија на постоечките работни места, утврдување на реалните потреби на компанијата и воспоставување транспарентни и законски процедури за вработување. До моментот на усвојување на нови систематизации по сите деловни единици на Компанијата – секое привремено вработување, ќе биде спроведено исклучиво во согласност со позитивните законски прописи.
Новото раководство е посветено на воспоставување систем заснован на професионализам, одговорност и транспарентност. Се очекува дека овие мерки ќе придонесат за стабилизирање на компанијата, подобрување на нејзината ефикасност и воспоставување здрава работна атмосфера, ослободена од политички влијанија и несоодветни вработувања.
Апелираме до политичките партии да не го злоупотребуваат АД ЕСМ за собирање дневнополитички поени, особено затоа што токму коалицијата на СДСМ и ДУИ креираше стотици партиски и нестручни вработувања чие ангажирање влијаеше на влошување на состојбите во Компанијата“, се наведува во соопштението на АД ЕСМ.