Македонија
Маричиќ: Македонското Собрание ќе ги помести напред преговорите со ЕУ
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во рамки на дводневната работна посета на Шведска, оствари средба со заменик претседавачката на Комитетот за ЕУ прашања во шведскиот Парламент, Матилда Еркранс и пратеникот Аднан Дибрани.
На средбата разговараа за следните обврски и задачи кои ги имаме на патот кон ЕУ и улогата на македонското Собрание во динамиката на преговорите со ЕУ.
„Напредокот ќе зависи од проактивноста и соработката на Собранието во исполнувањето на обврските и задачите кои ги имаме. Реформите и непреченото усвојување на европското законодавство ќе ја забрзаат евроинтеграцијата, а помошта и размената на искуства со пратениците во шведскиот Парламент ќе бидат олеснување на патот кон ЕУ“, рече на средбата Маричиќ на средбата со Матилда Еркранс.
Соговорниците изразија задоволство од заложбата и фокусот што го има Шведското претседавање со ЕУ на Западен Балкан, потенцирајќи ја важноста Северна Македонија да го искористи моментумот и наклонетоста која ја има од земјите членки за напредок во преговорите со ЕУ.
Од страна на шведските пратеници беше потврдена одличната соработка која ја имаат парламентите на двете земји и дека можеме да сметаме на поддршката од шведскиот парламент за унапредување на парламентарните процедури, особено во време додека Шведска претседава со Советот на Европската Унија.
Маричиќ се заблагодари за искрената и континуирана поддршка што ја имаме за европската интеграција и на барање на пратениците брифираше за текот на скрининг процесот, очекувањата од Извештаите и тековните реформи.
На средбата со пратеникот Аднан Дибрани, фокус тема беше актуелните случувања во регионот и европската перспектива, особено за време на актуелното претседавање на Шведска со Советот на Европската Унија.
Се согласија дека регионот има напредок и дека реформите и помирувањето водат побрзо до членство во ЕУ, но дека задачите ќе мораме да ги завршиме ние самите, за кои имаме ја имаме поддршката од Риксдагот за побрзо исполнување на обврските на патот кон членството во ЕУ.
Се зборуваше и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој беше поздравен од соговорниците, со верување дека ќе направи позитивна атмосфера за поинтензивна соработка и дијалог кои ќе придонесат полесно да ги надминат разликите и регионот заедно да продолжи да чекори кон ЕУ.
Маричиќ е во официјална посета на Шведска на покана на неговата колешка, министерката за европски прашања Јесика Росвал, со која утре ќе оствари билатерална средба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

