Македонија
Маричиќ: Преговорите со ЕУ го прават поквалитетно и побезбедно македонското рибарство според европски стандарди
Денеска, во Брисел, продолжува билатералната скрининг-агенда со состаноците за Поглавјето 13, „Рибарство“, од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Билатералниот состанок со кратко обраќање го отвори вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, потенцирајќи дека за Северна Македонија е важно да ги усвоиме стандардите поврзани со оваа област и на тој начин да ја отвориме можноста за граѓаните што се занимаваат со риболов, на вистински начин да станат поконкурентни за извоз на европскиот, но и на регионалниот пазар.
„Капацитетите се поставени, а остануваат предизвиците во однос на натамошното зајакнување на административните капацитети за управување со ресурси, инспекции и контрола на политиката за рибарство. Ќе се зајакне и капацитетот за контрола на нелегалниот, непријавен и нерегулиран риболов во согласност со барањата на ЕУ“, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.
Република Северна Македонија е земја без излез на море и има само внатрешен езерски риболов и аквакултура, затоа голем дел од правото на ЕУ за рибарство не е применливо и во тој контекст главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, нагласи дека немаме намера да бараме никакви отстапувања или преодни периоди во ова Поглавје, односно дека целосно го прифаќаме соодветното ЕУ-законодавство.

„Во однос на правната рамка, нивото на усогласеност дополнително ќе се подобри со усвојувањето на новиот закон за финансиска поддршка во рибарството и новиот закон за рибарство и аквакултура. Овие два закона, кои се во владина процедура, ќе обезбедат рамка за мерки на структурна политика и државна помош во рибарството и аквакултурата, како и организација на пазарот за риба и рибни производи“, посочи Маричиќ.
Заедничката политика за рибарство на Европската Унија вклучува прашања за експлоатација и управување со рибните ресурси, прашања за регулирање на пазарот на рибни производи, прашања за структурна политика, надзор и контрола, како и меѓународна соработка во рибарството.
Со достигнување на стандардите во ова поглавје ќе бидеме подготвени да повлекуваме пари од структурните фондови на ЕУ наменети за рибарство. Иако риболовот не е значајна стопанска гранка кај нас, треба да ја искористиме можноста што ја нуди членството во ЕУ и системски да ја регулираме оваа област за да обезбедиме економско, еколошко и социјално одржливо рибарство по европски стандарди и прописи.
Дел од македонската делегација беа и заменик-преговарачката со ЕУ и државна секретарка во СЕП, Дрита Абдиу-Халили, и шефот на Мисијата на Северна Македонија при ЕУ во Брисел, Зулфи Исмаили. Презентери се претставниците од работната група за Поглавјето 13, „Рибарство“, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот земјоделски инспекторат, Државниот завод за статистика, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и Секретаријатот за европски прашања.
Билатералниот скрининг е за завршна фаза. Од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделие и кохезија“, останува уште Поглавјето 13, „Безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика“, кое ќе се одржи од 27 ноември до 1 декември. За целосно комплетирање на скрининг-процесот ни останува уште Кластерот 6, „Надворешни односи“, со двете поглавја 30 и 31, „Надворешни односи“ и „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“, кои се предвидени за првата недела од декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

