Македонија
Маричиќ: Продолжувањето на преговорите со ЕУ значи и отворање на повеќе ЕУ-фондови за зачувување и афирмација на македонското богато културно наследство
Првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денес го посетија локалитет „Стоби“ (НУ за управување со Археолошкиот локалитет Стоби-Градско) каде што се во тек активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.
Со поддршка на нашите европски пријатели и партнерите во овој проект, Стоби и околните инфраструктурни објекти, стануваат атрактивно место за туристичка посета, особено во делот на културниот туризам. Како значаен локалитет на историското и археолошкото наследство, на нашата земја и на Европа, во комбинација со природната средина, Стоби се стекнува со потенцијал за зајакнување на економскиот и културниот развој на целиот регион, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека вредноста на локалитетот беше препознаена и од Соединетите Американски држави кои преку Амбасадорскиот фонд три пати обезбедија директна финансиска поддршка за: конзервација и реставрација на крстилницата во Стоби, конзервација и реставрација во епископската базилика и градба со арки- Римски Форум.
Овој проект помеѓу партнерите од Грција и Република Северна Македонија само го потврдува значењето на еворинтеграцијата на нашата земја. Продолжувањето на преговорите со ЕУ значи и отворање на повеќе ЕУ фондови за зачувување и афирмација на македонското богато културно наследство и трајните вредности на европската култура – рече Маричиќ.
На крај на своето обраќање Маричиќ посочи дека како овој и многу слични проекти, се јасен показател дека ЕУ ја препознава автентичноста на македонската култура, посебност и идентитет, а нашето членство во ЕУ од кое нема да се откажеме, уште повеќе ќе го зајакне и промовира нашето богато културно-историско наследство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.