Македонија
Маричиќ промовира медијација како алтернативен начин за решавање на споровите

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, со слоганот „Има решение“ го најави почетокот на кампањата за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од нејзината примена.
„Алтернативното решавање спорови преку медијација е голем чекор напред не само во насока на забрзување и ефикасност на решавањето спорови туку и во насока на помодерно решавање на споровите воопшто. Од решавањето на споровите по пат на преговори корист имаат не само поединците туку и општеството во целост“, рече Маричиќ.
Министерот ја истакна важноста на медијацијата и позитивните ефекти од нејзината примена. Потенцира дека овој начин на вонсудско решавање спорови е поедноставен, трае пократко, чини помалку, доверлив е и без негативни ефекти.
Тој во своето обраќање рече и дека со користење на медијацијата се намалува бројот на судски предмети и се отвора простор судовите уште поефикасно и ефективно да си ја извршуваат својата функција.
„Ова е всушност и еден од начините за враќање и зајакнување на довербата на граѓаните во судството, на која преку сет активности од Стратегијата за реформа на правосудството интензивно работевме бидејќи останува наша примарна цел од која не се откажуваме и на која следниот период убеден сум дека уште поинтензивно ќе се работи“, додаде министерот за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
141 болни и немоќни лица ќе гласаат на 18 октомври

Општинската изборна комисија во Битола претпладнево на седница утврди 141 болни и немоќни лица кои ќе гласаат на 18 октомври.
Претседателот на ОИК Битола Талевски истакна дека пријавувањето на лицата заврши синоќа, а ОИК Битола претпладнево ги потврди домашните адреси на сите болни и немоќни лица.
-Во законски определениот рок до ОИК Битола пристигнаа 151 апликација за гласање ден порано, односно на 18 октомври. Ние, членовите на ОИК Битола ги разгледавме сите барања и утврдивме дека право на глас во домашни услови имаат 141 болно и немоќно лице. За сите нив ќе ги обезбедиме законските услови за непречено гласање, изјави Талевски.
Од ОИК Битола информираа дека в сабота на 18 октомври ќе биде организирано гласање во старските домови и затворот во Битола.
-Новина оваа година е што освен во старски дом „Сју Рајдер“ ќе се гласа и во старски дом „Софија“. Во старскиот дом „Сју Рајдер“ право на глас имаат 60 стари лица, додека во старскиот дом „Софија“ ќе гласаат 37 лица. Според вообичаената пракса, в сабота на 18 октомври ќе се гласа и во битолскиот Затвор, посочи Талевски.
Како што е познато на овие локални избори во Битола конкурираат 8 кандидати за градоначалник и 16 листи со кандидати за членови на Советот на Општина Битола.
Македонија
Лабудовиќ: Денес не зборуваме за политика, туку за човечност

Во рамки на активностите по повод октомври – месец на свесност за ракот на дојка, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, присуствуваше на настан во Градскиот парк, посветен на поддршка на жените кои ја водат својата најважна битка – битката за животот, стои во соопштението од ЗНАМ.
„Денес не зборуваме за политика, туку за човечност. Денес сум тука како син, сопруг, татко и пријател. Како човек кој верува дека здравјето е највисока вредност,“ изјави Лабудовиќ.
Тој ја истакна важноста на превенцијата и свесноста, најавувајќи конкретна мерка – доделување бесплатни ехо-прегледи на гради за жените во Општина Центар.
„Секој преглед може да значи спасен живот. Ова не е само гест – ова е порака: погрижете се за себе, животот е вреден,“ додаде тој.
Во своето обраќање, Лабудовиќ најави и нов концепт што ќе биде спроведен по неговата победа – „Центар – Здравствен хаб“, прв ваков модел во Македонија, наменет за граѓаните на Центар.
Овој хаб ќе биде модерен, достапен и пријателски простор за сите жители, со бесплатни услуги за проверка на здравствени параметри, совети од стручни лица, едукации за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и родителство. Покрај тоа, ќе бидат поставени дигитални здравствени станици на неколку локации низ општината, каде граѓаните ќе можат самостојно да ги проверуваат притисокот, шеќерот, пулсот и другите вредности.
„Како иден градоначалник, мојата најголема обврска нема да биде само да градиме улици и паркови, туку да создадеме општина што се грижи за луѓето. Здрава заедница е темел на среќно општество,“ потенцираше Лабудовиќ.
Целта на проектот „Центар – Здравствен хаб“ е да ја врати грижата блиску до граѓаните, без чекање и бирократија, преку волонтерски ангажман на лекари, нутриционисти, психолози и физиотерапевти.
„Кога е здрава жената – здраво е семејството. Кога сите сме здрави – Центар живее и дише спокојно. Општината мора да биде партнер во здравјето на своите граѓани,“ заврши Лабудовиќ.
Македонија
Меџити: Чаир ќе стане пример за инклузија, еднаквост и почит

Чаир ќе стане пример за инклузија, еднаквост и почит за секој граѓанин, рече денеска на прес-конференција, кандидатот на ВРЕДИ за градоначалник на оваа општина, Изет Меџити.
Тој појасни дека во рамки на денешниот настан, се зборува за еднаквост, можности и достоинство, за правото секој граѓанин на Чаир да го има своето место во работата, во институциите, во јавниот живот и на секој чекор од секојдневието. Притоа, додаде дека во нивната програма, грижата и вклученоста на лицата со попреченост е една од главните столбови.
– Во соработка со организациите што работат во оваа насока, ќе изградиме долгорочни политики за пристап до образование, здравствени услуги, транспорт и јавни простори. Ќе создадеме посебни програми за нивно вработување и обука во јавниот сектор и во локалните институции. Ќе ги поддржиме микро – бизнисите, социјалните претпријатија и заедничките иницијативи, затоа што економската независност е темелот на човековото достоинство, порача Меџити.
Тој подвлече дека оваа заложба започнува од него лично, од неговиот кабинет.
– Сакам да ја споделам со вас веста дека Ќамуран Исмаили, извонреден човек и професионалец, ќе биде дел од мојот кабинет како советник. Ќамуран нема да биде дел од мојот кабинет само симболично, туку за да има реално влијание. Неговиот глас е гласот на една заедница која заслужува да биде слушната. Неговото искуство е мост меѓу институциите и граѓаните кои често се чувствуваат заборавени. Почнувајќи од мојот кабинет, ние оваа заложба ја претвораме во реалност, истакна Меџити.
Зашто, како што нагласи, вклучувањето на секој човек не е привилегија, тоа е право.
-Чаир ќе биде пример за општина што не дели туку обединува, што не исклучува туку овозможува, што не зборува за луѓето – туку ги слуша и работи заедно со нив, подвлече Меџити на денешната прес-конференција.