Македонија
Маричиќ-Радман: Ќе биде штета ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса за почеток на преговорите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше средба со министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Вицепремиерот Маричиќ и министерот Радман разговараа актуелните политички случувања и иднината на регионот и потврдија дека секое одолговлекување на интеграцијата на регионот во ЕУ отвора можност Западен Балкан да се насочи во друг правец.
„За нас е клучно што сме видливи од страна на ЕУ во спроведувањето на реформската агенда и што продолжуваме да управуваме со процесите. Од интерес е и на ЕУ отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, што ќе се даде поттик и на другите земји од Западен Балкан да останат фокусирани на европските реформи за постигнување на демократските стандарди. Штета ќе биде ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса“, рече Маричиќ на средбата.
Притоа, вицепремиерот Маричиќ истакна дека европските реформи и имплементацијата на европските стандарди во земјава продолжува со цел да им се овозможи подобар живот на граѓаните.
Маричиќ се заблагодари на Шефот на хрватската дипломатија, Радман, што Хрватска покажува европско лидерство и што дава целосна поддршка за напредок во проширувањето на ЕУ и нашите евроинтеграции.
„Хрватска е наш искрен пријател и партнер со кој имаме традиционално добра соработка, која уште повеќе ќе ја зајакнеме во процесот на преговарање, бидејќи хрватското искуство за нас ќе биде од голема корист“, истакна Маричиќ.
На средбата соговорниците разговараа за отворање нови можности за зајакнување на соработката во спроведувањето на европските програми, како и Интеррег програмата за транснационална соработка кои се финансираат од ИПА-фондовите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Само еден месец по отворањето, Штип го издава Дино паркот под ќирија на 15 години
Еден месец откако беше промовиран, Дино паркот во Штип, со одлука на Советот на општината ќе биде даден под ќирија на 15 години. Почетната цена на месечниот закуп е 0,5 отсто од проценетата вредност, или 251.073 денари.
Со 17 гласови за и 6 против, во Советот донесена е одлуката за издавање под закуп на Дино паркот, јави „Канал 77“.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски пресмета дека со влезниците што се наплаќаат, заработката ќе биде поголема од закупот што ќе го добива општината.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма. Не може да ме убедите поинаку“, рече Михајловски од говорницата.
Немањето на капацитет, кадровски и финаиски ресурси за одржување на паркот од страна на општината и ЈП „Исар“ е причината поради која се издава Дино паркот, објасни Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општината Штип.
„Штип е општина која постојано расте и се развива утврдивме потреба дека се потребни забавни површини со цел децата почесто да остануваат овде и да поминуваат повеќе време со родителите. Така ја утврдивме потребата, а се разбира и од комуникацијата со граѓаните. Овој износ, почетната месечна закупнина од 251 073 денари произлегува од Законот кој пропишшува дека доколку еден објект се даде под закуп истиот ќе има почетна цена од 0,5% од проценетата вредност“ – рече Шорова-Ангелова, пренесе штипската „МНет“.
Дополнително по давањето на Дино паркот под закуп ќе се одреди и цената на влезниците. Дино паркот во Штип беше изграден пред еден месец на површина од околу 10 илјади метри квадратни. Поставени се 50 експонати од кои 20 се виртуелни диносаурси кои реагираат на сенозри се движат и испуштаат крикови. Изминатиот период и посетеноста е доста голема особено за време на викендите.
Македонија
Во Битола разговори за европските проекти и нови можности за граѓаните
Во рамките на посетата на Битола, заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, оствари официјална средба со градоначалникот на општината, Тони Коњановски.
На средбата двајцата соговорници разменија информации и мислења за европските проекти што во моментов се реализираат во општина Битола со поддршка од ЕУ преку различни програми. Посебен акцент беше ставен на тековните инвестиции, нивното значење за локалниот развој и потенцијалот за отворање нови можности за граѓаните.
Разговорот се фокусираше и на продлабочувањето на соработката меѓу Европската Унија и општината, како и на заклучоците од Извештајот за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграции.
Средбата заврши со заедничка оценка дека континуираната поддршка и партнерство се од клучно значење за успешно спроведување на реформските процеси и развојните иницијативи во Битола.
Македонија
100 дена протести во Љубојно: Жителите бараат запирање на сечата на шумата
Жителите на преспанското село Љубојно информираа дека во среда, 19 ноември, ќе се навршат 100 дена откако секое утро одат на патот кон шумата, со цел, како што наведуваат, да го заштитат она што не штити нас.
Во пораката упатена до медиумите, жителите истакнуваат дека иако навидум се десетици луѓе од мало преспанско село, зад нив стои поголема поддршка, со иста цел и заложба. Тие наведуваат дека сечата над селото не е само уништување на дрвја, туку кршење на природниот штит кој со децении го штити Љубојно од поројни води, ерозија и разурнување на теренот.
Жителите наведуваат дека во изминатите 100 дена виделе: како камиони го отвораат срцето на шумата, како жителите сами мораат да постават песок на патот за да спречат штета, како првиот дожд го поплави селото и како, како што велат, државата им одговара со истата реченица: „Сè е регуларно“.
Во пораката се наведува и дека заедницата во тој период ги исчистила патеките околу селото, ги уредила изворите, се вклучиле млади генерации кои подолго време не биле активни во јавниот живот, се вратил гласот на луѓето што живеат во странство и, како што нагласуваат, се научило дека домот не се брани со зборови, туку со присуство.
„Шумата над Љубојно е нашиот штит и ние бараме право на живот без страв од порој, одрон или поплава“, се наведува во објавената порака.
Жителите најавуваат дека ќе останат на патот кон шумата сè додека тоа право не биде заштитено.

