Македонија
Маричиќ-Рот: Поголем ангажман и зајакнување на регионалната соработка за брз чекор кон ЕУ
На маргините на Форумот на граѓанско општество – Тирана 2023 вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оствари средба со Михаел Рот, пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, на која разговараа за европската перспектива на регионот, за новиот план за забрзување на пристапните преговори со ЕУ и важноста од унапредување на регионалната соработка, особено во период кој следува.
Пораката од средбата е дека планот на ЕУ значи брзи реформи кои ќе значат брзо членство и дека со тоа ЕУ нуди можност некои придобивки од членството да ги имаме и пред тоа, со одредени обврски, што е ретка шанса која треба да се искористи.
Само заедно, со поголем ангажман и соработка, Западен Балкан и ЕУ, можеме да изградиме Европа која е безбедна, која напредува и се развива, рече на средбата Маричиќ, посочувајќи дека Владата прави напори да ја задржи динамиката на процесот и Северна Македонија да ги продолжи преговорите со државите од соседството, за што од исклучителна важност е поддршката која ја имаме од Сојузна Република Германија.
Во таа насока претседателот на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен министер за Европа во германското МНР, Рот посочи дека е важно за стабилноста на целиот регион Северна Македонија да ги заврши обврските и да остане активна во процесот на преговори, укажувајќи дека поставувањето на датум е јасен сигнал дека ЕУ има цел 2030 да биде година за ново проширување.
Во пресрет на утрешниот Самит на лидери на Берлинскиот процес Маричиќ и Рот разговараа и за потребата од поголем фокус на регионалната соработка која треба да го забрза регионалниот развој и процесот на интеграција во единствениот пазар.
Берлинскиот процес влегува во нова фаза и се очекува да напредува и многу повеќе да придонесе за забрзување на ЕУ интеграцијата на регионот, беше заклучено на средбата.
Утре во Тирана започнува Самитот на Берлинскиот процес, на кој албанскиот премиер Еди Рама ќе биде домаќин на лидерите на Балканот и на ЕУ, на кој ќе учествува и вицепремиерот Маричиќ, како дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

