Македонија
Маричиќ: Следната ИПАРД програма македонските земјоделци треба да ја користат како граѓани на држава членка на ЕУ
Вицепремиерот Маричиќ денеска е во работна посета на Прилеп, каде пред почетокот на трибината „Ние сме Европа“ го посети млинот за сточна храна, „Еко – Млин“, корисник на ИПАРД 2 програмата.
Во обиколката на објектот и низ разговор со сопствениците вицепремиерот Маричиќ посочи дека ЕУ вложува во македонското земјоделство и ги подготвува земјоделците за европскиот пазар, укажувајќи дека во изминатите 15 години, со помош на фондовите на ЕУ, направени се значителни инвестиции во модернизација и окрупнување на земјоделското производство и преработка, приближување кон повисоки стандарди, квалитет и безбедност на храната, а преку поддршка на Владата дека се обезбедува стабилност на приходите на производителите.
– Со ИПАРД 2 програмата докажавме зошто сме лидери во регионот и дека знаеме ефективно и ефикасно да ги искористиме максимално сите средства кои Европската Унијата ни ги овозможи. Таа успешна приказна ЕУ ја наградува и ја продолжува со новата ИПАРД 3 2021-2027 години става на располагање неповратни 97 милиони евра европски средства за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство, рече Маричиќ.
Тој додаде дека 30. 7 милиони евра неповратни европски пари се обезбедени во рамки на ИПАРД 2 програмата за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски, за 146 проекти, а еден од тие проекти е и проектот на ЕКО МЛИН кој добил поддршка од 7 милиони денари за подобрување на производствените капацитети.
– Ова претставува позитивен пример за тоа како треба да бараат и користат можностите од Европската Унијата преку ИПАРД програмата и најголемиот број на мерки кои ги имаме, во однос на останатите држави од регионот, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот, во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потсети дека во тек е првиот повик од новата ИПАРД 3 програма, за мерките 1 и 7 и кажа дека во завршна фаза е административната и владина процедура за потпишување на финансиската спогодба, со која ќе започнат испратите на апликациите.
– Земјоделството има капацитет и ги исполнува европските стандарди да биде една од областите која ќе ја предложиме во процесот на забрзана интеграција, бидејќи сметаме дека сме подготвени да се придружиме на единствениот европски пазар, најави Маричиќ.
Маричиќ изрази задоволство што македонските земјоделци ја препознаваат придобивката од ЕУ и нивната политика за развој на земјоделството, и кажа оти очекува и ИПАРД 3 програмата до 2027 да биде успешно спроведена, бидејќи како што кажа, македонското земјоделство е европско и подготвено следната ИПАРД-програма да ја користат нашите граѓани како граѓани на држава членка на ЕУ“.
Вечерва во центарот на Прилеп, се одржува отворената трибина: „ЕУ за развој на македонското земјоделство“ на која ќе се обратат вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Сирил Бомгартнер и претставничката на организацијата Агро Лидер Марина Тошеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

