Македонија
Маричиќ: Со добивањето на скрининг-извештаите, ќе ги добиеме и првите задачи за Собранието
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешната изјава за медиумите рече дека сега сме во фаза во која товарот за евроинтеграциите го има Владата, но ќе дојде момент кога ќе ги добиеме скрининг-извештаите, кога ќе ги добиеме задачите и кога ќе треба и Собранието да дејствува.
-Драго ми е што вчера неколку закони беа донесени или е започната процедурата во прво чистење за носење на неколку закони коишто долго седеа во Собранието, а беа со европско знаме. Мислам дека тоа е добар прв чекор, повеќе пати упатив и јавна покана, но и во директна комуникација со Националниот совет за евроинтеграции да ги интензивираме работите, комуникацијата и да направиме заеднички план како да се туркаат европските реформи, она што е врзано со скринингот и преговорите преку Собранието, изјави Маричиќ.
Главниот переговарач со ЕУ вели дека Собранието покрај тоа што ќе ги носи законите, ќе може и ќе има можност и да ги следи преговарачките позиции, да ги дискутира, да влијае на нив.
-Ние сме за тоа како Влада подготвени. Тоа секако креира една атмосфера и за уставните измени, не верувам дека ќе брзаме, но имавме една лидерска средба и мислам дека ќе има серија средби кои треба да доведат до атмосфера во која нема да дозволиме ние да бидеме пречка за нашиот евроинтегративен пат. Тоа го кажав и претходно, по прв пат во историјата блокадата е во наши раце, додаде вицепремиерот Маричиќ.
На прашањето како се одвива скрининг-процесот, Маричиќ рече дека е задоволен од текот на скрининг-состаноците и дека на билатералните скрининзи македонскиот преговарачки тим имал детални презентации кои биле пофалени од ексертите од Европската комисија, со многу детални прашања и со многу интензивни прашања.
Маричиќ најави дека од наредната недела започнува билатералниот скрининг за Поглавје 24, за што ќе имаат навистина многу работа и тридневна интензивна агенда со четириесет презентери од областа, од различни институции, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Обвинителство, Судски совет.
Тој објасни дека истото важи и за поглавје 23, кое ќе се случи во првата недела од декември, и практично со тоа ќе се заокружи агендата за оваа година и дека очекува да се одржува ваквото темпо и да имаат еднакво ниво на подготвеност со сите поглавја.
Вицепремиерот посочи дека треба да го искористиме вниманието што го имаме од европските лидери, од европските институции и од државите членки во наша полза, за да ги отклониме сите пречки, вклучувајќи ги и уставните измени и да продолжиме со преговорите и по ноември 2023 година.
-Процесот на посета на високи функционер на ЕУ ќе продолжи, јас сум убеден дека само може да се развива, кон крајот на овој месец ќе дојде и германскиот претседател во посета. И тој тренд нема да застане и во текот на наредната година. Тоа не е никаков притисок, тоа е внимание коешто е во наша полза. Ние треба да сме свесни дека блокадата е во наши раце и дека од нас зависи како ќе продолжиме понатаму и дали ќе продолжиме, изјави Маричиќ.
За уставните измени рече дека ќе разговараат со сите групи и со сите пратеници и изрази увереност дека не се толку далеку како што може да изгледа од 80, додавајќи дека ќе продолжат средбите за отворање дијалог по ова прашање , кое треба да допре до сите пратеници, до сите парламентарни групи и од опозицијата, но и од владејачкото мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

