Македонија
Маричиќ: Со политичка волја и конкретни чекори од ЕУ интеграцијата на регионот е реална
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, учествуваше на панел-дискусија посветена на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, на која истакна дека клучна е политичка волја на Европската Унија за поинаков пристап, подинамичен пристап кон Западен Балкан, да се одрази и преслика и во конкретни чекори.
„Она што е важно за политичка волја на ЕУ е таа да е проследена со конкретни чекори, но и со конкретен план за зачленување на државите од Западен Балкан. Но, мора да се спојат двете политички волји, политичката волја за проширување од страна на Европската Унија и политичката волја за реформи од страна на државите од Западен Балкан. Само на тој начин може да се врати вербата на граѓаните и на оние политичари што работат за членство во ЕУ дека е тоа реално остварлива цел“, рече Маричиќ.
Според него, најважно е сега ЕУ да биде заедно со државите од Западен Балкан и да остане присутна во регионот, при што го поздрави и утрешниот самит на ЕУ – Западен Балкан во Тирана велејќи дека тоа е позитивен сигнал сам по себе – првпат сите лидери на Европската Унија да дојдат во нашиот регион и да заседаваат негде надвор од Европската Унија заедно со државите од Западен Балкан.
Вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, посочи дека војната во Украина наметна ЕУ повторно да размислува за нејзината геостратешка позиција и цел, при што на маса се стави повторно концептот на Европската Унија како мировен и политички проект.
„ЕУ е мировен и политички проект. Инаку, да не беше така, немаше воопшто да дискутираме дали треба Украина да биде членка на Европската Унија или не, како и другите држави од тој регион“, истакна Маричиќ додавајќи дека војната во Украина го смени пристапот на одредени земји членки кон политиката на проширување на ЕУ и поттикна заеднички ангажман и притисок што побргу да се затворат отворените билатерални прашања и за секоја од државите од Западен Балкан да се направи еден исчекор напред.
Маричиќ зборуваше и за сегашната перцепција на граѓаните од Западен Балкан за членството во ЕУ дека тешко достижно е членството во Унијата и рече дека борбата со таа перцепција може да ја добиеме само доколку има јасен израз на политичка волја за реформи.
„Тоа е неопходно да се направи од наша страна, од страна на државите од Западен Балкан и сите влади, и тоа силни реформи, искрени и без импровизација, а од друга страна, за тоа да има ефект и за да може да имаат навистина политичка тежина тие реформи, мора да има јасна политичка волја од страна на државите членки на ЕУ, исто така искрено и без импровизации, да дојдеме до точка на членство што побргу“, потенцира Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

