Македонија
Маричиќ: Со ратификација на Рамковната спогодба за ИПА III над 100 милиони евра, европски пари за проекти
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска присуствуваше на седницата на Комисијата за надворешна политика, на која едногласно се усвои Предлог законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија, за спроведување на Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021- 2027 година.
Тој ја искористи приликата и се заблагодари на Европската Унија, која како што вели Маричиќ несомнено останува верен партнер и поддршка на Северна Македонија, во напорите за реформирање укажувајќи дека во пресрет на билатералните состаноци, економските критериуми за пристапувањето во Унијата стануваат дополнителни стандарди и одредници со кои граѓаните ќе го оценуваат напредокот и развојот на земјата, подобрувањето на нивниот животен стандард и зголемувањето на одржливите можности за секого.
„Вложуваме напори за максимално да ги искористиме сите расположливи европски фондови за развој и благосостојба на граѓаните, кои ќе бидат многу поголеми и повеќе достапни по пристапувањето во Европската Унија. Со тоа го забрзуваме процесот на реформи, кои се неопходни во процесот на напредување кон членство во Унијата, а граѓаните ќе почувствуваат конкретни придобивки од истиот“, рече Маричиќ.
Во неговото образложение пред пратениците кажа дека ИПА III е нов концепт на Европската Унија во однос на поддршката на земјите од Западен Балкан, кој започна да се програмира во 2020 година и е тековна активност, потенцирајќи дека годишната програма за 2021 е одобрена, за 2022 е во фаза на оценување на зрелоста, додека програмирањето за програмата за 2023 е во тек.
„Со потпишување на оваа Спогодба се отвора патот за потпишување на Финансиските спогодби во рамките на ИПА 3 меѓу кои и Финансиската спогодба за програмата од 2021 година. Оваа финансиска спогодба треба да се потпише до крајот на оваа година, а во спротивно, ќе ја изгубиме можноста за користење на повеќе од 100 милиони евра веќе дефинирани проекти“, рече тој.
Објасни дека проектите се финансираат по принципот на блендирање односно грант од ИПА и заеми од Меѓународните финансиски институции (како што се: Европската инивестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Светска банка, Банката на Советот на Европа, Француската развојна агенција), и дека ние како земја имаме добри резултати во користење на овие средства. Како пример вицепремиерот и национален ИПА координатор, Маричиќ, го издвои финансирањето на патот Скопје – Блаце, градењето на пречистителна станица во Скопје, изградбата на железничката секција кон Бугарија втора и трета фаза, изградбата на фотоволтаичните централи во Осломеј 1 и 2и Битола итн.
Сите пратеници, членови на Комисијата за надворешни работи, едногласно го поддржаа предлогот за ратификација на Рамковната спогодба за ИПА III, а претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски го поздрави присуството на вицепремиерот Маричиќ, и повика и другите министри да го следат овој пример и да учествуваат во работата на собраниските комисии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството, замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.

