Македонија
Маричиќ: Улогата на парламентот во пристапните преговори ја дефинираме со меморандум за соработка
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ ја истакна важноста за вклучување и соработка со разни општествени фактори ставајќи акцент на парламентот како клучна институција за напредокот на преговорите и нивната динамика.
„Парламентот е значаен партнер во пристапувањето во Европската Унија и затоа улогата на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, ќе ги дефинираме преку меморандум за соработка. Согледувајќи ја важноста да се има национален консензус, ќе ги направиме сите напори опозицијата да се вклучи во процесот“, рече Маричиќ.
Тој рече дека Северна Македонија ја има предвидено својата динамика во однос на полноправното членство во Европската Унија и конкретно во однос на нашите подготовки за скрининг-процесот и последователните активности давајќи краток осврт на усвоената преговарачка структура, која моментно се операционализира, а се заснова на долготрајните механизми за координација на ЕУ, но ги одразува и новитетите на ревидираната методологија на ЕУ за пристапни преговори.
Маричиќ во Европскиот парламент ги истакна своето задоволство за поддршката што ја добиваме преку активностите во рамките на дијалогот „Жан Моне“ и изрази верување дека соработката ќе се интензивира и дека искуството на европратениците и редовната комуникација со пратениците од Собранието на Северна Македонија ќе бидат од исклучителна помош за тоа како дополнително да ја подобриме улогата на парламентот како форум за конструктивен политички дијалог.
Вицепремиерот и главен преговарач со Европската Унија ја искористи можноста и накусо ги информира европратениците за текот на скрининг-процесот, за успешно завршените преговори за договорот за статус со ФРОНТЕКС и го најави потпишувањето на договорот за неколку недели.
„Со гордост можам да кажам дека Северна Македонија е првата земја од регионот што го има договорот според регулативата за европска гранична и крајбрежна стража од 2019 година. Во делот на владеењето на правото, во тек се активностите за подготовка на нова судска стратегија, како и процесот на дигитализација на судството“, информира Маричиќ додавајќи дека финансиските истраги продолжуваат, а се очекува предлог-законот за Управата за наплата на имотот да влезе во собраниска процедура.
Денеска, во Стразбур продолжува вториот ден од седницата на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, со важни точки на дневен ред за развивање дебата, како енергетската криза и животна средина, добрососедските односи и регионалната соработка и извештајот на дијалогот „Жан Моне“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ со честитка за Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, го честита Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, РС Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија!“, пишува во честитката.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“
Македонија
(Видео) Поплави во Струмичко: реката однесе повеќе од 100 јагниња и овци од штала во Костурино, поплавени и земјоделски површини
Надојдената вода од реката Тркања вчера однесе повеќе 100 јагниња и овци во селото Костурино, на локацијата позната како „Шепово“.
„Струмица денес“ во текот на вчерашниот ден објави дека земјоделците се по своите ниви и се обидуваат да спасат она што може да се спаси. На терен се повеќе багери кои помагаат.
Поради обилните врнежи од дожд, на подрачјето на Општина Струмица беа регистрирани нагли зголемувања на водостоите и излевања од коритата, што предизвика поплави на повеќе локации.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, информира дека ги посетил најкритичните точки на терен, меѓу кои и селото Муртино, како и други локации каде состојбата била најизразена.
Според неговите информации, уште од утринските часови механизацијата на ЈП Комуналец била ангажирана на терен, а во интервенциите била вклучена и дополнителна механизација од приватниот сектор.
Од општината додаваат дека се одржува постојан контакт со жителите на погодените подрачја и дека состојбата ќе продолжи будно да се следи, имајќи предвид дека, според најавите, дожд се очекува и во наредните часови и денови.

