Македонија
Маричиќ – Фајон: Северна Македонија и Словенија го зацврстуваат пријателството со потпишувањето на договорите за долгорочна и стратешка соработка
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес одржа важна билатерална средба и потпишување на меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023 – 2024 година меѓу вицепремиерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Маричиќ, во име на Владата и вицепремиерот и министер за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон, во име на словенечката влада.
На прес-конференцијата одржана по повод потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија вицепремиерот Маричиќ истакна дека државите прават уште еден голем чекор напред во зацврстувањето на традиционалното пријателство и заемната поддршка што ја негуваме со целосно внимание од осамостојувањето на нашите двете земји.
„Односите меѓу Северна Македонија и Словенија се изградени на солидните темели на заемното длабоко познавање и на меѓусебна почит меѓу нашите народи.
Нашето пријателство го зацврстивме со договори за долгорочна и стратешка соработка, каков што е договорот за развојна соработка од 2004 година.
Вицепремиеот рече дека меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023 – 2024 година предвидува околу два милиона и сто илјади евра (2.079.889 евра) словенечки средства за развој, кои ќе ни бидат ставени на располагање за финансирање проекти на пет инфраструктурни проекти во пет општини во нашата земја.
„Владата на Словенија со 1,3 милион евра ќе ја помогне изградбата на системот за прочистување отпадни води во сливното подрачје на Дојранското Езеро. Со 225.000 евра, пак, ќе ја поддржи изградбата на хидроцентрала ‘Б’ на браната Кнежево во општина Кратово, а чиј вкупен буџет изнесува 450.000 евра. Граѓаните на Словенија со 224 илјади евра ќе ја помогнат изградбата на системот за намалување на загубата на вода во општина Кочани, а вкупниот буџет на овој проект изнесува 448 илјади евра.
Со развојни средства во износ од 100.000 евра Словенија ќе го кофинансира енергетското реновирање на зградата на градинката и ќе учествува во подигање на еколошката свест кај децата во општина Штип.
Петтиот проект опфатен со овој меморандум е инвестицијата за поставување соларни панели во општина Крива Паланка, проект вреден 102.982 евра, во кој Република Словенија учествува со 51.500 евра.
Станува збор за проекти што ќе им донесат сериозни директни придобивки на граѓаните на овие пет македонски општини, но и на целата држава.
Дотолку повеќе, добрите искуства во подготовката и евалуацијата на проектите ќе се пренесат и во наредниот циклус. Уште на почетокот на 2024 година ќе почнеме со координација на нови проекти за следниот меморандум за разбирање 2025 – 2026 година“.
Секретаријатот за европски прашања дополнително ќе ја интензивира соработката со Амбасадата на Република Словенија во дефинирањето на приоритетните активности што произлегуваат од нашата агенда, која е тесно поврзана со приоритетите за усогласување со стандардите на Европската Унија, додаде Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Македонија е жртва на класичен булинг на земји членки кои од внатре го уценуваат интегрирањето во ЕУ
Европската интеграција на нашата земја, можеби е единствен случај во Европа чијашто интеграција во рамките на самата Европска Унија не се цени според системот на напредок, односно како се совладуваат предизвиците, туку целиот овој процес на приклучување кон Европската Унија се темели на билатерални прашања и самото тоа го нарушува кредибилитетот на самата Европска унија за што се повеќе политичари во Брисел се свесни. За нас само, како земја кандидат не важи мерит бејс не важи пристапувањето, за нас важи билатерализација на пристапниот процес, рече претседателот на Влада и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната конференција на Паневропската унија во Македонија на тема „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“.
Мицкоски направи споредба на билатералниот спор помеѓу Хрватска и Словенија кој се реши во рамките на неколку месеци откако тогашниот Европскиот Совет јасно кажа дека спорот ќе се решава откако Хрватска ќе ги заврши преговорите и ќе биде дел од Европската Унија, со што тогаш ќе има рамен терен и тогаш ќе има арбитражен спор во чии рамки ќе се бара решението на тој спор ќе се бара и билатералното решение меѓу двете земји.
Таквото нешто, додаде Мицкоски, за нас не важеше и сè уште не важи затоа што Македонија е жртва на класичен булинг на земји членки коишто од внатре го уценуваат интегрирањето во рамките на Европската Унија и тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку се цени според тоа дали ќе го смениме Уставот, знамето, банкнотите.
„И колку повеќе ова го игнорираме, толку потежок ќе биде тој пат и толку повеќе ќе имаме препреки пред нас. Колку повеќе сме свесни за овие предизвици и за неуспесите на политички гарнитури од минатото, толку потешко ќе ни биде“, истакна Мицкоски, додавајќи дека ова се историски моменти во политиката и историските моменти знаат да траат и со децении, а понекогаш и со векови.
„Затоа еден народ, една нација треба да е мудра и трпелива, да не носи избрзани одлуки, ниту пак одлуки под притисок. Затоа за еден народ и една нација, нема поголемо зло од корумпирани таканаречени лидери на таа нација, мекотели, луѓе коишто се мекото ткиво на нацијата и коишто, за жал, се изнагледавме во минатите години и децении на македонската политичка сцена. И тие се тие коишто не доведоа до оваа ситуација во којашто денеска се наоѓаме, наместо да преговараме за вредности, за владеење на правото и за некои други стандарди, ние денеска преговараме за билатерални прашања коишто не водат никаде. Просто и едноставно е, нема никој жив од средниот век за да ни каже како било. Наместо да гледаме во иднината ние се враќаме во десеттиот и единаесеттиот век, уште толкуваме чии биле оние тогашни учители во тоа време и нивните ученици. А, за жал нема сè уште живи помеѓу нас коишто од тогаш можат да ни посведочат како и која била вистината. Но, има живи коишто можат да посведочат како било пред неколку децении, сè уште има живи и тие во нивните сведоштва ја пренесуваат вистинската вистина, не онаа измислената и напишаната. А, тоа дека овој народ, македонскиот народ си има своја традиција вековна, култура, наследство. Отсекогаш бил на правата на историјата, отсекогаш бил за сојузниците, никогаш не коленичел. Да, често пати знаел да биде на грб во многу востанија низ историјата, но никогаш не коленичел. Овој народ ја бранел вратата на Европа со векови, верувал во тие европски вредности и ќе продолжи така за да може денеска Европа да биде тоа што е. Јас сум убеден дека и во годините коишто следат и по мене, и по тие по мене ќе имаме луѓе и водачи на оваа нација, народ и држава коишто ќе бидат свесни за своето минато вековно и ќе знаат тоа вистински да го вреднуваат и ценат. И местото на овој народ и оваа држава е во Европа“, потенцираше, меѓу другото, претседателот Мицкоски.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.

