Македонија
Маричиќ: Ќе отвориме сериозна јавна расправа, целта ни е успешен процес на уставни измени
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на новинарско прашање на денешната прес-конференција ги откри плановите за спроведување на потребните уставни измени за затворање на почетната фаза за преговори со ЕУ.
„Ние сè уште немаме утврдено календар и динамика за почнување на уставните измени, но тоа е наша обврска, тоа треба да го завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Внимателно ќе ги разгледаме околностите, начинот на кој би го отвориле дијалогот во Собранието и целта на отворање на уставните измени е тие да завршат успешно, а не да завршат неуспешно“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Тој посочи дека пред да се почне постапката претстојат консултации со експерти што се разбираат и во уставно право и учествувале во претходните фази на промена на Уставот, како и дека моментот кога ќе се утврдат текстот и потребата, ќе почне тој процес.
„Најважно е да создадеме една атмосфера која нема да се повтори како онаа слика во Собранието што ја имавме минатата недела, која не овозможуваше ниту услови за дијалог ниту услови за нормална размена на аргументи. Сакаме тоа да биде процес во кој ќе имаме отворена, сериозна, јавна расправа со вклучување на сите фактори, на претставници на заедниците што треба да бидат вклучени во Уставот. Сметам дека во содржинска смисла овие уставни измени би биле веројатно најлесни од сите до сега. Зборувам во содржинска смисла бидејќи ние имаме веќе 7 заедници во Уставот, треба да додадеме уште најмалку 3 или уште колку ние ќе решиме во тој процес“, објасни Маричиќ.
Според него, во однос на овие прашања има два типа на патриоти, едни што остануваат само на убави или лоши зборови и други што работат на дело.
„Да го заштитиме нашиот идентитет, македонскиот јазик, идентитет и посебност и да станеме членка на ЕУ. Тоа се наши цели уште од самото осамостојување како држава и ние како Влада сметавме и сè уште сметаме дека тоа се остварливи цели во исто време. Дека можеме да останеме Македонци што говорат македонски јазик и да бидеме членки на ЕУ. Мислам дека сме на добар пат тоа да го оствариме,“ рече Маричиќ потсетувајќи дека изминатите 5 години Владата има направено сериозни чекори за заштита на македонскиот јазик и идентитет и дека токму во овој период е впишан македонскиот јазик во ООН, впишан е во Советот на Европа, во НАТО, впишан е во ОБСЕ и во сите меѓународни организации каде што Северна Македонија е членка, што, според Маричиќ, е многу поважно и попатриотски од која било друга симболика“, истакна вицепремиерот Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

