Македонија
Маркетите се обидуваат да го заобиколат законот и да остварат профит, вели Трајковски и најавува казни
„Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за ограничување на маржите. Се обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит. Имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со производите опфатени со Одлуката. Вршат и големи притисоци врз добавувачите“, рече денеска на прес-конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, најавувајќи строги казни.
Екипите на ДПИ, нагласи Трајковски, се секојдневно на терен и вршат контроли. Тој на прес-конференција извади и неколку млечни производи, објаснувајќи дека маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и кои се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа.
„Ќе казнуваме, за никого нема да има компромис, законот ќе важи и мора да важи за сите. Им порачувам и на трговците на мало и на трговците на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат законите за да не ја почитуваат Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Мора да имаме правичен систем и секој што сака да е дел од него е добредојден, но секој што ќе се обиде да го заобиколи, ќе биде најстрого казнет. И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите. Не викам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Со Одлуката е опфатен и лебот од 450 грама. Има големи добавувачи, апелирам до нив, бидејќи имаат 470-грамски леб, да произведат и 450-грамски леб. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско. Можно е ваквите производи да се запленат“, истакна директорот.
Според него, големите маркети и со Одлуката за маржите успеваат да остварат профит, па оттука е најсно зошто се обидуваат да ги заобиколат законите.
„Тие се десет милиони евра во добивка и покрај замрзнувањата и намалувањата. Не знам зошто ова го прават кога пак ќе остварат профит“, рече директорот.
Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.
„Од почетокот на Одлуката до четвртокот беа издадени прекршочни платни налози од над два милиона денари, а само во четвртокот исто така беа издадени налози од над два милиона зашто во средата се увиде дека трговците на мало, големите ланци маркети, имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со количините призводи како што е наведено во Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Се додека сум директор на ДПИ, им порачувам на трговците на мало и на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат зкаоните за да не ја почитуваат Одлуката. Имам информации и дека неколку големи ланци маркети вршат големи притисоци врз добавувачите како да ги заобиколат законите и да остварат профит. Трговците на големо (снабдувачите) да не потклекнуваат на притисоците што ги вршат неколку од големите маркети за да ги заобиколат законите и да не ја почитуваат Одлуката“, подвлече Трајковски.
Тој апелира до трговците, ако имаат простор, да ги намалат цените и на другите производи освен оние опфатени со Одлуката за маржите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСЧП донесе пресуда во корист на затвореник кој бил тепан од полицаец во „Идризово“
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Европскиот суд за човекови права вчера донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот Фитим Муслиу против Северна Македонија, поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“. Како последица на нападот, затвореникот се стекнал со телесни повреди.
Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (член 142 став 1 од КЗ), Малтретирање во вршење на службата (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК.
Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалеше на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
Според МЗМП и Хелсиншкиот Комитет за човекови права оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
„Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, се наведува во соопштението и се додава дека оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не му го спомнаа името на Груби на собраниска седница, од што се плашат Заев, Филипче и Спасовски?
СДС наместо да застане на страната на правдата и одговорноста, продолжува да го релативизира и штити криминалот на Артан Груби. Наместо да се дистанцираат, СДС на чело со Филипче координирано го бранат Груби. СДС го штитат Груби повеќе дури и од што го штитат менторот Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС се толку многу исплашени и бегаат од темата за Артан Груби што на собраниска седница за пратенички прашања ниту поставија прашање, ниту пак името му го спомнаа. СДС се толку вознемирени и нервозни од апсењето на Артан Груби поради стравот од сведочењето на Груби и неговите изјави кои може да повлечат и поранешни високи функционери на СДС. Тренчевска со сите сили се потруди да ја колективизира одговорноста за одлуките на тогашната влада на СДС и ДУИ. Потпретседателката на СДС Јована Тренчевска истакна дека одлуката на тогашната влада, каде се сомничи за криминал Артан Груби, била колективна, и според неа не било фер само Груби да добие кривична, туку требало да добијат и другите министри кои присуствувале на седницата, односно цела тогашна влада“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали со ова СДС се подготвени да жртвуваат одредени нивни функционери се со цел да го заштитат Груби и што знае Груби па цела СДС се плаши за да не посведочи за одредени криминали?
„Дали Вице Заев, Оливер Спасовски и Венко Филипче се плашат од тоа што ќе каже Артан? СДС знаеше за криминалот во Државна лотарија и молчеше за спас на коалицијата со ДУИ. Граѓаните очекуваат правда, никој не смее да биде над законите. Заврши времето на политичка заштита на поединци, време е за транспарентност и владеење на правото. Одговорност мора да има за секој за кој ќе се утврди вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

