Македонија
Марковиќ: Заев нека се позанимава со тоа како Груевски избегал

Црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, изјави дека обврска на Македонија е да се погрижи за тоа како нејзниот експремиер избегал, а не на Црна Гора. Марковиќ во интервју за РТЦГ на неговиот македонски колега, премиерот Зоран Заев, му порача да се позанимава со прашањето зошто навреме не била распишана потерница за експремиерот Никола Груевски.
Коментирајќи ја изјавата на неговиот македонски колега Заев, кој пред неколку дена изјави дека е чудно што четири земји пријатели на Македонија му овозможиле бегство на поранешниот премиер Груевски преку нивната територија, Марковиќ рече дека Груевски преку Црна Гора поминал на сосема законски начин, врз основа на лични документи што ги имал.
„Тој влезе во Црна Гора, а потоа и во Србија. Во тој момент, според податоците со кои раполагаше Црна Гора, за Груевски не беше издадена никаква потерница“, изјави црногорскиот премиер.
„Мојот пријател Заев треба да се позанимава со фактот што навреме не е распишана потерница по Груевски, и како тој без пасош влегол во земја членка на Европската Унија – ова прашање не може да се става на Црна Гора”, рече Марковиќ во интервјуто за РТЦГ, по повод две години од работата на неговата Влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија е коспонзор на резолуција на САД за Украина

Македонија е една од земјите кои се коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за Украина, додека истовремено Европската унија, предводена од Германија и Франција, поднесува своја резолуција.
Премиерот Христијан Мицкоски кусо изјави: „Така одлучивме“, прашан зошто бил преземен таков чекор. Тој изрази очекување дека резолуцијата ќе биде поддржана од мнозинството во рамките на Обединетите нации.
Советот за безбедност на ОН ќе гласа за нацрт-резолуцијата за Украина предложена од САД. Покрај Македонија, коспонзори на резолуцијата се и Израел, Грузија и Унгарија. Во текстот нсе изразува тага за трагичната смрт на луѓето во руско-украинскиот конфликт и се апелира на ставање крај на војната. Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече резолуцијата „едноставна и историска“ и ги повика членките на ОН да ја поддржат „со цел да се зацрта патот кон мирот“.
Од друга страна, во резолуцијата на Франција и Германија се зборува за „целосна инвазија на Украина од страна на Руската Федерација“ и се бара итно и безусловно повлекување на сите сили на Москва.
Македонија
Градоначалникот Касами на самитот Б40 во Софија: Посветеност на економскиот и културниот развој на регионот

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, учествуваше на престижниот Самит на Градоначалниците Б40, одржан во Софија, каде што го претстави Тетово и ја сподели својата визија за локалниот, економски и културен развој.
За време на своето обраќање, Касами ја истакна важноста на локалната економска и културна соработка како одржлива алтернатива за долгорочен развој на регионот.
„Локалната економска и културна соработка е концепт кој вклучува ангажирање на локалните заедници, бизниси, институции и организации во заеднички развој на активности кои придонесуваат за зајакнување на економските, туристичките и културните врски меѓу различните групи во еден регион или град,“ истакна Касами за време на своето обраќање.
Тој ги нагласи позитивните промени кои се случуваат во Тетово, особено во областа на економијата и туризмот, каде што инвестициите во гастро-туризмот, културата и локалната трговија носат значителни трансформации.
Градоначалникот Касами го потенцираше клучното значење на културните врски во зајакнувањето на соработката меѓу земјите во регионот и ја изрази подготвеноста на општината за организирање на фестивали со мултикултурен и мултинационален карактер.
Исто така, Касами ги спомена подобрувањата во инфраструктурата, како што се изградбата на патишта, сместувачки капацитети и пешачки патеки, кои позитивно влијаат на зголемувањето на бројот на туристи кои го посетуваат Тетово за да ја доживеат природата и локалните традиции.
Во однос на регионалната трговија, Касами ја истакна важноста на олеснувањето на трговските и административните процедури, Општина Тетово ќе ги стави на располагање сите свои административни капацитети за поддршка на локалните бизниси и за зајакнување на трговската и туристичката размена.
„Тетово е подготвено да ги стави на располагање сите административни капацитети за да ги охрабри локалните бизниси да ја зајакнат трговската и туристичката размена. Во таа насока, бизнисите, локалните власти и невладините организации можат да соработуваат за развој на проекти кои поддржуваат одржлив економски раст и зачувување на културните вредности. Со инвестициите во инфраструктура кои ја олеснуваат економската и културна размена, како што се создавањето на културни центри, простори за трговија и туристички активности, како и подобрувањето на транспортот и комуникацијата, Тетово создаде доволно простор за сите засегнати страни,“ изјави Касами.
На крајот, Касами апелираше за интензивирање на регионалните промотивни кампањи и ефективно користење на маркетингот за привлекување на повеќе туристи и за промовирање на природните и културните богатства на нашите градови.
Македонија
Костовски: Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата

„Денеска пред јавноста ги објавуваме доказите кои потврдуваат дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколувал институционалните процедури, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани. Документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги презентираме денес, покажуваат дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување. Со тоа, Изет Меџити не само што вршел злоупотреба на позицијата, туку се отвора и сериозно сомневање дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните“, вели Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
„Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани. Ова не е прв скандал во кој Меџити е вмешан. Најпрво, јавноста беше сведок на неговите партиски вработувања, а сега гледаме дека истиот човек, спротивно на законот, создал сопствен систем за потпис и одлучување, што отвора сомнежи за корупција и мито. Јавно го прашуваме Христијан Мицкоски: до кога ќе го штити Изет Меџити? Дали Меџити ќе го доживее истото сценарио како Артан Груби, кој по бројните злоупотреби избега од правдата токму со аминување на ВМРО-ДПМНЕ?“, прашува Костовски.
Очекува Мицкоски јавно да им се извини на граѓаните за ваквите постапки на својот најблизок соработник и конечно да го разреши од функцијата.
„СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство веднаш да отворат истрага и да постапат во согласност со законот. Зад наводниот патриотизам на Мицкоски и ДПМНЕ се крие груба корупција и манипулација со државните институции. Време е да се стави крај на оваа злоупотреба““, вели Костовски.