Македонија
Марков: Измените на Законот за здравственото осигурување ќе овозможат директна судска контрола на актите на ФЗО и заштита на осигурениците
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, кој бараше по скратена постапка да се стави на дневен ред предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, со што би се овозможило директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување.
„Како дополнување на дневниот ред барам да се стави предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување. Со ова законско предлог-решение се предвидува директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување и на овој начин ќе се овозможи Фондот да биде тужен орган во управно-судска постапка, осигурениците во својство на тужители во контрадикторна судска постапка да ги остваруваат своите права“, рече Марков и додаде:
„Ова е особено значајно затоа што во судската постапка може да се изведуваат вештачења како доказни средства, што не е случај во второстепената управна постапка, и на тој начин одлучувањата за правата на осигурениците ќе биде на брз и ефикасен начин со правосилни и извршни судски одлуки. Дополнително, во законското предлог-решение е предвидено одлуката по управниот спор да се донесе во рок од 30 дена, што не е случај за управно-судските постапки за другите области“, вели Марков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

