Македонија
Маркоска: ВМРО-ДПМНЕ да се откажe од блокадите за изградбата на нов клинички центар

Блокадите на изградбата на нов клинички центар од страна на ВМРО-ДПМНЕ e пример за неодговорно, незрело дејствување кое е на директна штета на граѓаните и македонското јавно здравство, изјави пратеничката на СДСМ, Даниела Маркоска.
„Откако не успеаја да го одбранат криминалот, ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат своите фрустрации и внатрепартиски пресметки да ги прекршат врз граѓаните, овде во законодавниот дом. Очигледно е дека единствената намера на ВМРО-ДПМНЕ е да спречат развој на македонското здравство, да блокираат сè што е во интерес на граѓаните и државата. Затоа и одбија формирање на посебна собраниска комисија која ќе ја води постапката за нов клинички центар и која ќе биде водена токму од опозицијата во Собранието“, смета Маркоска.
Како што додаде, со овој проект државата за првпат по цели 80 години ќе добие нов современ, модерен клинички центар на предвидената локација во општина Ѓорче Петров.
Да се биде против овој проект, вели Маркоска, значи да се биде против интересите на граѓаните и на државата.
Таа ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и наместо за фотелјата во белата палата да работат за граѓаните, да издејствуваат кај своите колеги повлекување на 2.000 амандмани со кои се кочи овој важен проект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кадровско зајакнување во ГОБ „8 Септември“, се реконструира хируршкиот дел и кровната конструкција на болницата, соопшти Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на денешната работна средба со директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски ја реафирмираа заложбата за континуирано унапредување на третманот на пациентите и условите за работа на здравствениот персонал.
При посетата, Стојаноски го информираше министерот дека веќе се почнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел и кровот на болницата.
-Денес на лице место, заедно со директорот направивме обиколка на болницата. Оваа установа претставува столб на секундарното здравство и е стратешки важна. Веќе се отпочнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2000 метри квадратни, со седум операциони сали, боксови за интензивна нега, придружни простории, а со реконструкција е опфатена и кровната конструкција на оваа установа. Со ова значително ќе се подигне нивото на здравствени услуги кои ги обезбедуваме за нашите граѓани, посочи министерот во рамки на посетата.
Истовремено, како што соопштуваат од министерството, болницата кадровски се зајакнува со девет приватни специјализанти, за чие вработување течат законските процедури.
Македонија
Марков: Измените на Законот за здравственото осигурување ќе овозможат директна судска контрола на актите на ФЗО и заштита на осигурениците

На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, кој бараше по скратена постапка да се стави на дневен ред предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, со што би се овозможило директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување.
„Како дополнување на дневниот ред барам да се стави предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување. Со ова законско предлог-решение се предвидува директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување и на овој начин ќе се овозможи Фондот да биде тужен орган во управно-судска постапка, осигурениците во својство на тужители во контрадикторна судска постапка да ги остваруваат своите права“, рече Марков и додаде:
„Ова е особено значајно затоа што во судската постапка може да се изведуваат вештачења како доказни средства, што не е случај во второстепената управна постапка, и на тој начин одлучувањата за правата на осигурениците ќе биде на брз и ефикасен начин со правосилни и извршни судски одлуки. Дополнително, во законското предлог-решение е предвидено одлуката по управниот спор да се донесе во рок од 30 дена, што не е случај за управно-судските постапки за другите области“, вели Марков.
Македонија
Активни седум пожари во државата

Според најновите информации, на територија на цела држава активни се седум пожари, информира Центарот за управување со кризи.
На ден 24.07.2025 година, се евидентирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои седум се активни,три се под контрола и два се изгаснати.
АКТИВНИ (7):
1. Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Прилеп – с. Бешиште, место викано Бешишки Рид, крак кон с. Градешница (мешана шума)
3. Општина Желино – помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума)
4. Општина Македонски Брод 1 – помеѓу с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
5. Општина Македонски Брод 2 – с. Грешница (мешана шума и сува трева)
6. Општина Македонски Брод 3 – с. Латово (мешана шума)
7. Општина Македонски Брод 4 – с. Црешнево (ниска вегетација)
ПОД КОНТРОЛА (3):
1. Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани, место викано Радобилски рид (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
2. Општина Македонски Брод – с. Латово, место викано Маркова Стапалка (грмушки и сува трева)
3. Општина Штип – с. Драгоево и с. Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева)
ИЗГАСНАТИ (2):
1. Општина Чучер Сандево – кај далеководите (мешана шума)
2. Општина Куманово – с. Речица (ниска вегетација)