Македонија
(Видео) Марко Михаилоски е избран за нов претседател на младината на СДСМ
Марко Михаилоски е избран за нов претседател на Социјалдемократската младина на Македонија, за време на 23. Конференција, која се одржа дигитално.
Михаилоски е досегашен член на ИО на СДММ и долгогодишен член на СДСМ.
Тој во своето обраќање посочи дека ќе се заложи за зголемување на младинскиот активизам, бидејќи гласот на младите е глас на иднината.
„Активизмот на нашите млади членови ни е постојано потребен. Не само за да ги јакнеме капацитетите на СДММ туку и да градиме кадри кои ќе се вложат и ќе работат во интерес на граѓаните и државата. Тоа мора да биде наш најважен приоритет“, изјави Михаилоски.
На Конференцијата, покрај изборот на претседател беа избрани и членови на Надзорниот и Централниот одбор на СДММ.
На настанот се обрати премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, кој истакна дека СДММ е симбол за другарство, заедништво, решителност и истрајност.
„Во изминатиот период откако ги предводиме Владата и институциите, но и претходно кога се боревме против режим, кога ја носевме слободата, токму СДММ одигра важна улога и даде силен придонес. СДММ беше дел од промените, демократизацијата, но и дел од процесот на создавање и реализација на квалитетни младински политики. Токму тоа е патот по кој нашата Младина треба да продолжи. Продолжете да верувате и да се борите за подобра иднина, за вас, за вашите врсници, за нашата татковина. Ние, повозрасните, како и досега ќе ве поддржуваме, ќе ве слушаме. Заедно ќе носиме нови промени, ќе носиме успеси на кои сите граѓани на нашата земја ќе бидат горди“, рече Заев.
Тој во обраќањето подвлече дека „има многу партиски подмладоци, но само една е Младина“.
За време на Конференцијата се обрати и Генералниот секретар на владејачката партија, Љупчо Николовски, кој порача дека СДСМ продолжува со вложување во младите.
„Во изминатите три години реализиравме голем број на мерки и политки со кои ја зголемивме понудата на работни места и го олеснивме патот до прво вработување на младиот човек“, истакна Николовски.
Тој се осврна на досега остварените резултати во делот на младинските политики, како и на проектите зацртани во новата Програма на Владата предводена од СДСМ.
„Стапката на невработеност кај младите драстично ја намаливме на околу 35% од времето на 2016 кога беше 48,6%. Нашата цел е стапката на младинска неврабтоност до 2024 година да ја намлиме под 17 %, што е речиси двојно пониска младинска невработеност од сега и тоа е дел од нашата програма. Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување продолжува. Директна поддршка на младинското и женското претприемништво, претприемништво преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра. Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето. Парите одат директно на сметките на младите. Така ќе продолжиме. Продолжува мерката за 3.000 денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование. Стабилен раст, повисоки плати и шанса за сите, шанса за младите – тоа носи новата развојна македонска економија, тоа е економски патриотизам на дело а јас би додал тоа е младински патриотизам. Само со СДСМ, само со СДММ иднината на младите е сигурна и стабилна, полна со шанси за сите, порача Николовски.
Генералниот секретар ги повика младите да се вклучат во процесот на создавање младински политики кои ќе го унапредат квалитетот на живот на сите млади лица во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

