Македонија
Марш за толеранција на различностите во образованието
По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права го организира единаесеттиот Марш на толеранцијата. Маршот ќе почне во 12 часот пред Музејот на град Скопје, преку улицата Македонија, до крајната точка на платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.
„Образованието и младите ќе бидат во фокусот на годинешното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Причините се сериозни и секојдневно видливи – најчести извршители и жртви на злосторства од омраза се малолетни лица, а подемот на меѓуврсничкото насилство дополнително се зголемува со користењето на социјалните мрежи. Намалената толеранција на младите кон различностите е резултат на повеќе околности во општеството, но образованието се издвојува како еден од најпроблематичните фактори со оглед на неговото клучно влијание во изградбата на ставовите и светогледот на младиот човек“, велат од Хелсиншкиот комитет.
И покрај обемната материја со која се оптоварени децата и младинците во образовниот процес, велат од таму, училиштето сепак ги лишува од клучни животни вештини, од кои потоа зависат кохезијата на целото општество и иднината на цели генерации. Младите, додаваат од Хелсиншкиот, речиси и не се оспособуваат за критичко мислење.
„Учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, кои само ги зацврстуваат вкоренетите стеретотипи и предрасуди. Целосно е занемарена важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти. Долгогодишното игнорирање на потребата од сеопфатно сексуално образование ги направи младите дополнително затворени, ранливи и подложни на насилство. Исто така, неинформираноста на младите, но и нивното опкружување, раѓаат предрасуди и нетрпеливост во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование“, се вели во најавата за маршот.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека в сабота ќе побараат вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование.
„Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини што ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини што дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар. Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови што предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но, на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот“, велат од Хелсиншкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

