Македонија
(Видео) Марјан од „Доказ М“ бара смена на обвинителот Рајчев: Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови за Хајрулахи
Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, побара изземање на обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство со тврдење дека некои од информациите за кои сега се гони му ги давал токму овој обвинител. Рајчев, пак, негира и рече дека не бил во контакт со обвинетиот, како и дека не праќал информации. За изземањето на обвинителот, ќе треба да одлучи шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
„Барам да се изземе почитуваниот обвинител Сашо Рајчев поради повеќе судири на интереси. Според мои сигурни информации, ОЈО мислам дека ќе излезе и со подетаљни информации, можеби и со обвинителен акт, лицето Рајчев ми има испраќано информации, кои се дел од предметите за кои ме судите, но и за предметите од ВЈО“, рече Стаменковски.
Судијката Татјана Дуковска побара објаснување, а Стаменковски додаде: Хајрулахи бараше извинување за информации што ги имам објавувано (во тек е постапка за клевета). Информациите ги добивав од Рајчев, телефонот е одземен од ЈО, таму се информациите. Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови, негови информации од судот“.
Обвинителот Рајчев рече дека сè што кажал Стаменковски е невистина.
„Наводите денеска кажани се основ за клевета. Во согласност со ЗКП, по поднесено барање за изземање јавен обвинител, одлучува претпоставениот на тоа Обвинителство. По денеска изнесеното барање за изземање да постапувам по овој предмет, ќе биде одлучено во согласност со законот. Во поглед на наводите на денешниот записник, ќе наведам дека обвинетиот не го знам, ниту го познавам ниту, пак, некогаш сум комуницирал со него на кој било начин и денеска искажаните наводи се во целост невистини, а водено ќе кажам дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови за кои денеска е обвинет и со оглед дека немам профили на социјалните мрежи, не сум го ни следел на друг начин“, изјави Рајчев.
Јавната седница пред Апелација е откога Марјан Доказ е осуден на три години и еден месец затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

