Македонија
Маските ќе бидат задолжителни и на отворено, освен за децата до 6 години
Носењето заштитни маски ќе биде задолжително секаде, на отворен и затворен простор, а од ова правило ќе бидат исклучени единствено децата помали од шест години, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
„Се забранува групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот. Забрана на семејни поголеми прослави во домашни услови, се забранува групирање на слави и собири во групи во домовите. Освен оние кои живеат на адресата, дозволено ќе биде да има најмногу четири гости“, најави Филипче.
Како што објасни Филипче, носењето маски ќе биде задолжително и во приватен и во јавен превоз. Во приватен автомобил не мора да носат маски ако лицата што се возат се од исто семејство.
Тој рече дека состојбата кај нас иако е стабилна, може лесно да ескалира.
Комисијата за заразни болести денеска ги достави новите предлог-мерки до Владата, поради зголемениот број на заразени со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

