Македонија
Матис: Одобрувањето на договорот од Преспа ќе го обезбеди местото на земјата во НАТО
Секретарот за одбрана на Соединетите американски држави Џејмс Матис кој денеска ја посети земјава, во своето обраќање пред новинарите и македонската јавност се заблагодари за срдечниот пречек и за продуктивните разговори на средбите.
Тој на заедничката прес-конференција со претседателот на Владата, Зоран Заев и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска оцени дека оваа посета и пријателските разговори се потврда на силна взаемна поддршка на двете земји како стратешки партнери што споделуваат заеднички вредности.
Матис изрази надеж и им оддаде поддршка на сите што се залагаат за успешен исход на референдумот на 30 септември со што, како што рече, граѓаните на Македонија ќе направат уште еден голем историски чекор и што со одобрувањето на договорот од Преспа ќе обезбедат местото на земјата во НАТО, како партнер рамен со сите други земји членки.
Претседателот на Владата придружуван од членовите на владината делегација заедно со Шекеринска, денеска одржаа пленарна сесија на која Матис, беше придружуван од амбасадорот на САД Џејмс Бејли, како и членови на Секретаријатот на одбрана на САД и претставници на американскиот Пентагон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Македонија
Доделување на наградата „Св. Климент Охридски“
Во Кристалната сала на Собранието, денеска, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ќе ја додели државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2025 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието му се доделува на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста, им се доделува на композиторот Живоин Глишиќ и на ликовниот уметник Беди Ибрахим.

