Македонија
Матичните лекари го прекинаа протестот, договорено е формирање работни групи за решавање на проблемите
Матичните лекари нема да продолжат со протести по денешната средба во Министерството за здравство, на која било договорено формирање работни групи во кои ќе учествуваат претсавници на Лекарската комора и ќе ги решаваат нивните барања.
Работните групи ќе бидат формирани во следните две недели, а како што соопшти заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, за медицинските тимови со помалку пациенти и оние во руралните средини, треба да се обезбеди минимална загарантирана плата и за медицинската сестра и за матичниот лекар, за да се спречи одлевање на кадрите и затворање на амбулантитите.
„Точна е забелешката на д-р Дервишова дека од 1.463 медицински тимови од примарната здравствена заштита речиси 500 или една третина реално се на работ на егзистенцијата, практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор-сестра и токму во тој сегмент ќе гледаме колку што е можно побрзо да придонесеме да останат и мотивирани овие тимови со нивните работни обврски во интерес на пациентите“, рече Рендевски.
Додаде дека и за здравствените установи кои имаат повеќе тимови и финансиски подобро работат, исто така ќе обезбеди минимална загарантирана плата за лекарот и сестрата во вториот и третиот тим, за да има рамномерност и унифицираност во исплатата.
Во однос на казнените мерки од Фондот за здравствено осигурување, Рендевски додаде дека ќе се гледа во иднина за некои помали административни грешки да нема парична казна, туку опомена.
Рендевски попладнево се сретна со претседателот на Здружението на приватни лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова и претседателот на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова. На средбата присуствувал и министерот за здравство Беким Сали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Инјекција“ од 112 милиони евра од Владата за општините во годината на локалните избори, соопшти Центарот за граѓански комуникации
Денеска, Центарот за граѓански комуникации го објави извештајот од следењето на доделувањето пари од Владата за инфраструктурни проекти во општините во 2024 и 2025 година.
„Од октомври 2024 до октомври 2025 година, Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, и од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства.
Со првата одлука од октомври 2024 се распределени 71,1 милиони евра за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Со втората одлука од јули 2025, распределени се дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти. Од првата транша пари не им неа одобрени на Град Скопје, Струмица и Сарај, а од втората само на Град Скопје“, се истакнува во извештајот.
Според истражувањето, како што е наведено, веднаш по завршувањето на изборите, Владата направила значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти кои, од почетните 250 милиони евра, се намалени на 149 милиони евра.
„По општини, најмногу пари, над 5 милиони евра секоја, им беа одобрени на Битола (5,6 мил. евра), Тетово (5,5 мил. евра), Куманово (5,3 мил. евра) и Аеродром (5,3 мил. евра), а блиску до нив е и Прилеп (4,4 мил. евра).
– По жител, највисоки износи се одобрени за: Демир Капија (99 евра), Желино (82 евра), Свети Николе (79 евра), Градско (78 евра) и Кратово (76 евра). Најмалку пари по жител има за: Град Скопје (0 евра), Струмица (16 евра), Сарај (23 евра), Центар (41 евро) и Кичево (49 евра).
– Само за 11 проекти (нецел 1 %), односно 4,3 милиони евра (нецели 3 %) од средствата може да се процени дека директно се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи. Вакви проекти имаат 9 општини и од 11-те проекти, 10 се за млади, 1 за маргинализирани групи, и ниту еден за жени.
Врз основа на клучните наоди, може да се заклучи дека:
– Одобрените средства од Владата за општините од т.н. Унгарски кредит беа значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци, зголемувајќи ги просечно:
– за 92 % – износите на капитални расходи во буџетите на општините за 2025 година, во однос на реализацијата од 2024 година;
– за 37 % – буџетите за 2025, во однос на реализираните буџети за претходната година, и
– за 40 % – јавните набавки на општините во 2024 година, во однос на 2023 година.
– Средствата не беа рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ.
– Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието.
– За разлика од засиленото промовирање на проектите на почетокот, во 2024 и во 2025 година, речиси немаше слични јавни известувања и за значителното намалување на парите за проектите, по локалните избори, ниту образложение за причините за кратењето на средствата.
– Проектите беа квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период иако значаен дел од нив се поправки, реконструкции или изградби на улици и слични локални инфраструктурни зафати.
– Отсуствуваат јасни информации како ќе се врши плаќањето на фирмите во период од три години, а за завршените проекти во 2025 година.
– Најголем дел од огласите за јавни набавки за првата транша на проектите предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025 година, односно до месецот на одржување на локалните избор“.
Според наведеното, во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Македонија
Сѐ уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, велат од СДСМ
Според СДСМ, повеќе од една недела нема одговори за најголемиот нарко-скандал во регионот, заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија.
Прашуваат како 5 тони дрога, во неколку камиони ја преминале границата.
„Кој ќе одговара?
Фактите упатуваат дека без поддршка од структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции, ваква масовна шверцерска операција е невозможна.
Според неофицијални информации објавени во српските медиуми, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од американската DEA.
Затоа е молкот и паниката во врвот на власта.
Станува збор за скандал од огромни размери, кој го оголува длабокиот криминал и на владата предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски“.
СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага, која ќе даде одговори на како што велат, неколку прашања.
„Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница?
Кои структури во институциите ја овозможиле оваа криминална операција?
Дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа?
Сите што се вмешани, без разлика на функцијата мора да одговараат и ќе одговараат“.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

